Една работа никако да им стане јасна на сите „уметници“, инволвирани во проектот Скопје 2014.

„Уметниците“ се навредени и крајно изненадени, секогаш, кога некој новинар ќе се осуди да биде доволно дрзок и да го постави прашањето за хонорарот што го зеле, за да го произведат сопственото дело, за целите на проектот Скопје 2014. Се кочат, прават неартикулирани движења, се чешаат, превртуваат очи…

Не само што нема никаква причина за изненаденост, а уште помалку за навреденост, туку ценетите „уметници“ имаат обврска да ја соопштат вредноста на хонорарот, бидејќи него го добиваат од државни пари, од парите на јавноста, која инаку и сака да ја дознае бараната информација.

Дрскоста е во случајот на страната на „уметниците“, зашто упорно го драматизираат регуларното прашање и го сведуваат на домашно невоспитување или некултура.

Кога проектите би биле нарачани од приватна фирма, тогаш „уметниците“ „можат“ да изберат да се раководат од извесна политика за необјавување на тајни информации и да осудуваат за некултура. Но, во случајот со Скопје 2014 едноставно немаат избор.

Мислам дека граѓаните од Скопје се тотално збунети од ова однесување, па на моменти дури и го оправдуваат, со образложението дека „новинарите си го пикаат носот кадешто не им е работа“. Новинарите постојат за да „си го пикаат носот кадешто не им е работа“. Во изминативе неколку години, видовме што значи кога новинарите не го прават тоа – тотален колапс на системот, самоволие, корупциски скандали, непотизам до бескрај…

Па, почитувани сограѓани, пред да почнете со поделбите и да застанете на страната на „уметниците“ сетете се дека парите коишто тие ги добиваат како хонорар, се обезбедени преку даноците што сите ние ги плаќаме. Новинарите, какви такви, се вашите пријатели, па можете само да бидете благодарни што некои од нив се доволно храбри да му пркосат на самоволието на оваа нетранспарентна власт.

Во случајот со Скопје 2014, постои само една апсолутна вистина, а тоа е: проектот е профитабилен.

Дополнување: Овој напис не можете да го пронајдете со помош на Google бидејќи е цензуриран. Им благодарам на тие што го пријавиле како проблематичен, зашто со тоа дополнително му даваат на значење. Му благодарам и на Новица, што го објави овој запис и на неговиот блог.