Не беше воопшто едноставно да се проследи телевизиската драма, што на 25 ноември 2010 год. можеше да се следи на македонската национална телевизија А1.
Освен тоа што генераниот впечаток ми е дека времето поминато пред телевизорот го потрошив залудно, би сакал да наведам некои случајни мисли што ми надоаѓаат и да заминам во кревет со чиста глава.
Неверојатно е со колкава леснотија владеачката партија на ВМРО-ДПНЕ успева, сопствените лаги да ги спакува во вид на логични објаснувања, соодветни за просечниот македонски телевизиски гледач. Или барем да си мисли дека ги презентира како такви. Не знам што би можел овде да додадам, освен дека за мене е јасна потребата од извртување на кажаното во својство на другата реалност - реалноста на преродбата. Ако прифатиш дека сè што ти се случува е во својство на подобрата иднина, притоа целосно занемарувајќи ги непријатните состојби во кои се наоѓаш во сегашноста, тогаш веројатно е бесмислено да те одвраќаат од целта.
Нашето општество е општество на профитери - политички, економски, секакви. Не можам да сфатам зошто луѓето имаат потреба да се грабаат за што и да се нуди во моментот, без разлика дали од тоа што се нуди имаат потреба. Се грабаат за внимание, за т.н. политички поени, за тотално бескорисни изјави со кои само ја истакнуваат сопствената глупост.
Македонското општество не може да ја победи политиката на актуелната власт, зашто и самото нема идеја за подобра политика. Општеството е речиси целосно апатично и без чувство за потребите на заедницата. Јавните личности секогаш успеваат личните интереси да ги стават пред интересите на заедницата и со тоа даваат многу лош пример на обичниот граѓанин, па на еден или друг начин се доаѓа до впечатокот дека на сите животот ни се состои во чекање на сопствените 5 минути и потоа се граба „до даска“. Политичарите што веќе дале ваков пример, не треба да се обидуваат да прикажат слика дека се промениле, туку треба навистина да се променат, па да остават граѓаните самите да го согледаат тоа. И, во тоа е тешкотијата! Треба да се работи напорно и со многу посветеност, без да се чека на случајни инциденти што може да се искористат за личните потреби.
Никој не ги откри вистинските причини за #opsada, а тоа најверојатно никогаш нема ни да се случи. Всушност, тие во целата збрка се најмалку важни. Неважни се и ликовите што се во игра, иако ги сожалувам за изгубеното здравје.
Проблематичен е гестот - доаѓа полиција, блокира влез на објект, не дава објаснување за тоа, легитимира и запишува податоци од граѓани, забранува пристап до објекти, блокира улици итн. Доколку се пристапи наивно на претходно споменатите акции, дури може да се извлече и позитивен впечаток за пожртвуваноста на полициската служба и нејзините вработени, што доцна во ноќта ја вршат својата должност „во име на правдата и почитувањето на законите“. Сепак, да се биде толку наивен е да се биде премногу наивен и свесно да се пропушта да се види „поголемата слика“. Поголемата слика е - полицијата демонстрира сила, надмоќ, апсолутна контрола - за што дури и помалку упатените, знаат дека не е задолжена. Полицијата спроведува одлуки што доаѓаат од определен центар на моќ, за кој се шпекулира, но не може со сигурност да се утврди дека постои. Или можеби постои страв да се утврди дека постои? На тој начин, општеството целосно се посивува и се ограничува во простор што го определува центарот на моќ. Ако центарот на моќ е корумпиран, корумпирано е и општеството. Заради овие причини, пред неколку години се спроведуваше проект за децентрализација, за кој не сум информиран како и дали воопшто заврши.
Да констатираш дека денес била погребана демократијата во државата и тоа безброј пати да го повториш, исто така значи погреб и за твоите понатамошни аргументи. Ако нешто погребаш, значи неповратно го губиш. Ако ја погребаш демократијата, значи таа не може повторно да биде воспоставена. И каде е тука надежта? Каде е охрабрувањето на граѓаните? Каде се можните решенија за новонастанатата состојба? Каде е новата платформа? Каде е здравиот разум?