Што всушност заштитуваат симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ и луѓето што се нивни поддржувачи во т.н. политичка криза во Република Македонија?

Дали е тоа некаква си зона на комфорот во којашто се чувствуваат сигурни или пак, можеби, скриена желба, еден ден и ним да им се укаже приликата да бидат, моќни како нивниот лидер? Секако, ова второто е голема илузија, зашто зад браникот создаден од привидот за моќ, се крие еден уплашен и слаб човек што не знае како да си помогне себеси, а не пак на другите.

Можеби, поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ се уценети и силно контролирани преку закани од централата? Ќе го изгубиш работното место! Ќе ти ја силуваме сопругата! Ќе ти го убиеме детето! Или пак, лидерот е сепак, добар и им ветува неброено богатство само за да останат со него и да не го предадат? (Но, чие богатство? Претпоставувам, нема да одвои од неговото…)

Или пак, поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ се исто толку корумпирани како и нивниот лидер, па немаат способност да согледаат каде всушност тој згрешил, немаат интерес да откријат кои биле мотивите за неговите грешки и немаат капацитет да расудуваат што е добро, а што лошо? За нив, сето ова е нормално и составен дел на управувањето со државата.

Секој разумен човек би се подзамислил и никако не би ја одбрал страната на Никола Груевски и неговите соработници, зашто на сите им е повеќе од јасно е дека тој не е во право. Секако, тој може да се обиде да нѐ убедува дека во ред е да се практикува криминал за да се оствари една повисока цел — зачувуање на државноста и интегритетот на Република Македонија, но се разбира дека во тоа нема да успее. Има премногу показатели што укажуваат на тоа дека опасноста за Република Македонија доаѓа одвнатре — од криминалната власт што нема намера да земе било кој(а) и било што предвид.

Секој пат кога зачувуањето на државноста и интегритетот на Република Македонија било оставено на ВМРО-ДПМНЕ, во Република Македонија се случувале трагедии и државата се наоѓа во состојба да ги загуби и државноста и интегритетот. Во 2001 година имавме конфликт, денес имаме „политичка криза“. До пред некој месец имавме и терористи кои мистериозно исчезнаа за само неколку дена. Имаме поделби по сите можни основи и системот на државата е целосно блокиран. Луѓето се мразат едни со други и речиси и да немаат никаква верба во правичноста на системот. Никој друг не е виновен за тоа освен партиите што раководат со државните институции.

Ако опозициските партии се целосно маргинализирани и надвор од власта, а во ВМРО-ДПМНЕ има само чесни и отчетни индивидуалци, тогаш зошто државата ни пропаѓа? Можеби затоа што тие индивидуалци не се чесни и предолго и премногу ја оштетиле државата? Ако во ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ треба да ги видиме вистинските владетели, зошто тогаш има сеопшто назадување во државава и Република Македонија се претвора во протекторат?

Фашизам — радикална политичка идеологија и државно уредување на крајната десница што комбинира елементи на корпоративизам, авторитаризам, национализам, милитаризам, антианархизам, антикомунизам и антилиберализам.

Верувале или не, во Република Македонија во 2016 година на власт се фашистите. Тие си распределуваат тендери, се потчинуваат на Пастирот, се делат на Македонци и Албанци, Христијани и Муслимани… зборуваат за употреба на (гумени) куршуми, знаат да ни кажат и покажат кои се хулиган(к)и и го осудуваат секое слободоумно размислување, етикетирајќи го како соросоидно, педерско, лезбејско, предавничко, а всушност си смислуваат изговор по изговор за да не се помрднат од дупката во којашто се закопани со години.

Колку е сето ова поразително за сите нас, можеме долго да зборуваме.

Луѓето што немаат капацитет да земат слобода и да практикуваат слободно живеење нема никогаш да донесат напредок во нашата земја. Затоа е многу, многу важно да ја сфатиме големината на проблемот со којшто се соочуваме. Всушност, не се бориме само со фашистите, туку и со индиферентноста, апатијата, изгубените идеали и немоќта за отпочнување на општествени промени.

А, општествените промени, секако ќе дојдат само после личните.