Како што немаше демократски капацитет претходната македонска влада, така демократски капацитет нема да има ни идната, па најверојатно, повторно ќе се јави потреба од предвремени парламентарни избори. Тоа ќе биде на штета на сите граѓани на Републиката, од проста причина што повторно залудно ќе се губи време на исправање „криви дрини“ и фокусот нема да биде насочен кон суштинските проблеми и неопходните реформи.

Република Македонија со ВМРО-ДПМНЕ назадува. Сакале вие да признаете или не, реалноста е таа. Назадува, зашто елитата на ВМРО-ДПМНЕ има навистина премалку стручни кадри и премногу „чаламџии“ што само знаат да даваат порачани интервјуа, да не речам, знаат само да се „цепаат“. Или пак, можеби интелектуалната елита на ВМРО-ДПМНЕ сè уште се создава? Ова никако не значи дека да беше СДСМ, ЛДП, ВМРО-НП, НСДП... на власт, немаше шанси да заглавиме толку длабоко.

Кога политичарите не сакаат да се вразумат, на сцена стапува народот, користејќи легитимни мерки за „упристојување“. Во последниве неколку години, едноставно не сме оставени на раат и постојано треба на нешто да укажуваме. А, нас нè мрзи, а не смее, зашто со тоа директно придонесуваме кон неизвесна иднина за сите во Македонија.

За некого, реагирањето можеби изгледа како премногу голема работа, но не е. Денес повеќето имаме компјутери или барем пристап до нив. Aко видите наставник да удри ученик, тоа опишете го со прости зборови и објавете го некаде на Интернет или еве, ако сакате, дури и на Facebook? Ако лично ве малтретирале полициски службеници, кажете го тоа јавно. Ако ви побарале мито, напишете ги имињата на „митаџиите“. Ако ве „измарширале“ од некоја државна иституција, јавно кажете кој го направил тоа. Зошто да не? Така и самите ќе си помогнете да станете поодговорни кон себеси и опкружувањето.

Не морате да одите на протести со сила, но морате да го чуете тоа што, некој, преку протести има да го каже. Овие денови во Република Македонија се протестира заради суровото убиство на 22 годишниот Мартин Нешковски, од страна на припадник на македонската полиција, но немам чувство дека јавноста ја сфаќа сериозно, големата важност на овие протести. Јасно ми е дека работите се полесно прифатливи кога се само црни или само бели, но овој пат се сиви и нема потреба да им ја осветлуваме или затемнуваме нијансата.

Луѓето што протестираат веќе 3 дена, се излезени со цел да се издејствува укинување на специјалните полициски единици и преземање на конкретни мерки со коишто би се искоренила полициската бруталност, како и преземање на целосна правна одговорност од сите лица инволвирани во случајот со Мартин Нешковски.

Не се протестира за да им се одземе победата на ВМРО-ДПМНЕ по сценарио на СДСМ! Речиси сум сигурен дека токму од тоа се плашат партиските членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ. Никој не ви ја зема власта, не плашете се! Укинете ги Алфите, Тигрите и останатите силеџиски полициски единици! Бидете добри со сопствениот народ и немате од што да се плашите. Ако правите добро за луѓето во Македонија, можете и вечно да останете на власт. Тоа е претпоставувам една од вашите највисоки цели...

На протестите за Мартин Нешковски, се протестира за доброто на граѓаните, а не за спроведување на мрачни сценарија или било какви надреални дестабилизации.

Полицаец уби 22 годишно момче! Дали бил или не бил на службена должност во моментот на убиството, тој е сепак полицаец. Полицајците што знаеле за убиството и не говореле јавно, се и тоа како одговорни. Полицајците што го преместувале телото на Мартин се соучесници во убиството, без разлика дали го преместиле само еден или пет чекори. Министерот за внатрешни работи е одговорен за специјалните полициски единици. Кога тие грешат, тој понесува одговорност, заради пропустите, поради кои се случила грешката. Секое друго објаснување е барање изговори...

Мартин Нешковски можеше да биде ваш син, ваш братучед, ваш пријател. Тоа што можеби не е, не ја намалува важноста на потребата од реакција! За сè ли треба да останеме инертни, додека да бидеме лично засегнати?!

Новица подготви писмо со конкретни барања со коишто можеме да ставиме крај на полициската тортура. Ајде да реагираме и на овој начин!