Не многу одамна си купив KingZone N5 од AMC. Телефонот го продаваат нерутиран, со повеќе бескорисни апликации што се вградени во испорачаниот ROM. Launcher3 е една од тие апликации. Работи постојано додека телефонот е вклучен и без контрола прикажува банални реклами. Ја троши батеријата многу брзо и целосно го уништува корисничкото искуство на овој телефон, кој инаку има релативно добар хардвер.

Не сум сигурен дали Launcher3 е самиот по себе проблематичен или пак таква е само верзијата што доаѓа со телефонот.

Решив да се ослободам од Launcher3 по секоја цена и да го флешувам телефонот со друг ROM, којшто на крајот се покажа како бескорисен, бидејќи не ми го препозна процесорот. Бидејќи веќе ги пребришав партициите, телефонот беше бескорисен и морав одново да го инсталирам ROM-от што го испорачуваат од KingZone. Во тоа успеав со алатки што ги нудат од KingZone.

Кога го вклучив телефонот по флешувањето, не можев да ја користам SIM-картичката, бидејќи во текот на флешувањето била променета вредноста IMEI – уникатна за секој уред. Некаде прочитав дека со Hard Reset можело да се ресетира и таа, но тоа на мене не ми успеа. Потоа, најдов команда со којашто успеав да ја вратам основната вредност на IMEI, во т.н. Engineer mode [*#*#3646633#*#*] и ја поработев SIM-картичката. Командата ја внесов во Engineer Mode -> Connectivity -> CDS Information -> Radio Information -> Phone 1 [практично, број на лежиште за сим-картичка].

Командата е: AT +EGMR=1,7,"бројот на IMEI". Вредноста на IMEI ја пишува на самиот мобилен телефон, под неговата батерија или некаде во гаранцијата на AMC. Внесувајте внимателно, зашто командата без празно место помеѓу AT и +EGMR, нема да се изврши.

Ми остана уште да го рутирам телефонот, па со малку повеќе истражување стигнав до KingoRoot.

Рутурањето со KingoRoot е неверојатно едноставно и го препорачувам — буквално „One Click Android Root Apk/Software“. За жал, достапен е само за Windows.

Сѐ што ми остана беше да инсталирам некаква апликација за бришење на системски апликации. Најпрвин го инсталирав CCleaner, но бришењето беше нецелосно, па решив да се обидам со System app remover (ROOT). Овој пат успешно го избришав Launcher3, заедно со уште неколку сервиси што не беа означени со [Should keep] и го рестартирав телефонот.

Успех! Сосема поинакво искуство. Ги нема рекламите, а телефонот сега работи значително побрзо и батеријата трае многу подолго.