Политичарите се бават со политика затоа што ние така сме одлучиле. Тие се избрани од нас – народот, за да работат во име на народот. Во истиот момент кога ќе почнат да работат за лични интереси мора да се интервенира. Нема утре, нема еднаш му е, нема оправдувања! Човек што лаже еднаш, ќе излаже и вторпат. Човек што украл еднаш, ќе украде и вторпат. Политичарите не се семоќни. Политичарите се исто така обични граѓани. Прават грешки, пијат алкохол, некои од нив се хомосексуалци, некои си ги тепаат жените, некои не знаат да читаат, некои не знаат да зборуваат… Ако еден човек е политичар, тој не е по правило секогаш во право, ниту пак по правило секогаш знае што зборува. Напротив, политичарите се тие што ги кажуваат најголемите глупости на денешницата.

Тогаш зошто политичарите во Република Македонија се однесуваат како да им е сè дозволено?

Па добро луѓе, како сакате да се однесуваат? Секојдневно ви вршат нужда на главите и вие не сакате ни да се погледнете. Колку ви е валкано над очите. Колку ви труе под носот! Зошто не се измиете? Зошто едноставно не си ги засукате издрпаните ракави и не почнете да го бришете изметот од лицето. Вистина е многу грозно. Но, друг начин нема! Доста плачете! Најдете вир со вода и почнете да триете. Тријте како што не сте триеле никогаш досега. Силно, луто, храбро! Не гледајте колку е валкана водата во вирот. Изметот на вашето лице е со сигурност повалкан. Измијте се и појдете кај најблискиот пријател. Помогнете му и нему да си го измие изметот. Потоа, заедно одете од куќа на куќа и помогнете им на сите случајни луѓе да се ослободат од изметот на нивните лица. Не водете инает никому! Не ги исмевајте луѓето што сè уште имаат измет на нивните лица. Не зборувајте напразно. Не правете се дека знаете сè. Слушајте ги сите луѓе што зборуваат. Имајте разбирање за туѓите проблеми и наместо да барате начин да не им помогнете на валканите и да ги исклучите од вашата група, ангажирајте се уште посилно. Колку повеќе лица ќе исчистите, толку повеќе измет ќе имате за чистење. Работата нема да станува поедноставна во никој случај. Но, вие нема да сте сами ниту пак ќе треба сè сами да сработите. Ќе имате на кого да се потпрете и ќе имате од кого да побарате помош. Луѓето на кои сте им помогнале, ќе ви возвратат со помош најмалку еднаш, а тоа ќе ви биде доволно да си ја соберете снагата и да си ја избришете потта.

Зарем мислите дека тогаш ќе ви биде сеедно кога ќе дојде некој политичар на ново да врши нужда. О, не! Тогаш ќе се сетите низ што сè поминавте за да дојдете до тука. Ќе ги споредите вашите издрпани и пожолтени ракави со преубавото одело на политичарот. Конечно ќе ви стане јасно дека вие сте тие што работите, а сепак немате ништо свое. Ќе појдете лути кај политичарот и без објаснување ќе го соблечете. Тој силно ќе се противи. Дури и ќе повреди неколку од вашите пријатели, но сепак вие заедно ќе го совладате. Нема да се исплашите! Ќе го фрлите убавото одело, зашто вам не ви треба маска за пред пријателите. Голиот политичар ќе го поставите до изметот, ќе му дадете лопата и ќе му наредите да го исчисти. Покрај толку многу измет, политичарот ќе почне да мириса исто како сите вас.

Светот никогаш нема да ослободи од сопствениот измет, но тоа не значи дека не треба да го чистиме. Работата на политичарите е да овозможат чистењето да се одвива непречено. Секогаш кога тие нема да си ја завршат сопствената задача, тоа ќе се одрази на сите нас. Затоа, секогаш кога ќе почне да ни смрди, мораме да ги отстраниме политичарите што не си ја вршат сопствената задача. Проектот „Скопје 2014“ почна да труе. Јас знам кој мами. Дали знаете и вие?

Време е за акција!