2015 година е. Во Радишани, на ул. 1558 сѐ уште мака-мачиме со вработените на јавното претпријатие Комунална хигиена – Скопје. Тие неколку пати во неделата поминуваат за да го соберат ѓубрето од околните куќи, но начинот на кој што го прават тоа е крајно несоодветен, создава проблеми и незадоволство.

rakip-koce-novi-plasticni-kontejneri-komunalec

Од лево кон десно, директорот на ЈП Комунална хигиена, Ракип Дочи и градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски со пластични контејнери. Фото: skopjeinfo.mk

Вработените на ЈП Комунална хигиена – Скопје не ги празнат кантите за отпад ако не им се подготвени, кога тие ќе поминат. Кантите требало да стојат на улица, односно надвор од дворовите. Тие не можеле да влегуваат во секој двор поединечно, да ги земаат и да ги враќаат, зашто тоа не им било работа. Тоа се разбира дека не е точно и е некое ново правило што, најверојатно, самите вработени го имаат измислено за помалку да работат… обичен изговор… зашто, убаво ми текнува дека и влегувале во секој двор поединечно и уредно го истурале ѓубрето и кантите ги враќале од каде што ги зеле и тоа некогаш порано не им преставувало проблем.

Некои од соседите, сметаат дека немаат избор и штом ќе дојде денот за да поминат „ѓубраџиите“, излегуваат и буквално им ги подаваат ќесите со ѓубре в раце. Тоа ја прави состојбата уште посложена.

Вработените на ЈП Комунална хигиена – Скопје не се грижат за чистотата на нашата улица, а верувам и на другите низ Радишани. Денот кога поминуваат да го соберат ѓубрето, на улицата самите вработени истураат ѓубре, додека ги испразнуваат кантите. Ѓубрето што ќе го направат, не само што не го собираат, туку, како да го истураат намерно за да го искажат незадоволството што, ете баш тие мора да се „ѓубраџии“ и мора да ја работат валканата работа.

Кантите за ѓубре пак, не само што не ги враќаат од каде што ги зеле, туку ги оставаат буквално каде стигнат на улица. А, на неа играат мали деца и нивното здравје е директно загрозено поради тоа.

За овие проблеми се имам жалено во Претпријатието. Еднаш во Службата за квалитет, односно кај раководителот Музафер Бислими, па потоа и кај директорот, Ракип Дочи.

Од Музафер Бислими своевремено добив одговор дека ми верува и дека интервенирал кај соодветниот раководител, односно кај директорот.

Од Ракип Дочи добив неформален одговор во кој што ми беше побаран телефон за комуникација. До сега, комуникација не сме оствариле.

А денес, „ѓубраџиите“, повторно дојдоа. Нашата канта не беше извадена од дворот. Гледам дека влегле, ја испразниле и ја оставиле таму некаде на улица. Додека ја враќав на нејзиното место, на улицата видов купче остатоци од лушпи од јајца и портокали потопени во сочна зеленкаста течност.