Неколку пати досега имам пишувано за тоа дека во лето, имаме проблеми со водоснабдувањето во Радишани. До пред неколку години, проблеми немавме, а тие се појавија откако почнаа да ги поставуваат т.н. „нови“ броила за потрошена вода. Оттогаш, континуирано сме засегнати од тоа колку соседите на пониските улици трошат вода или барем така сакаме да си мислиме.

Денес (10.7.2011 год.), исто како и вчера (9.7.2011 год.), има прекин во водоснабдувањето на неколку улици во Радишани. Прекинот трае по неколку часови.

Јавувањето во ЈП Водовод и канализација е повод за голема нервоза. Вработените се нељубезни, неинформирани, неупатени, и, барем оние што одговараат на повиците во контакт-центрите, се тотално несоодветни за позицијата на која се наоѓаат.

Денес, повторно се јавив да се информирам за „состојбата на терен“ и повторно речиси и да не добив трунка корисна информација. Ми беше дадено вообичаеното објаснување дека е лето и дека потрошувачката на вода е зголемена, дека резервоарот на водоводот во Радишани е празен, како и дека соседите многу ваделе бавчи и се приклучувале на диво. Овој пат, не инсистирав да го дознаам името на човекот со кој разговарав, но ако надлежните ги интересира, можат да проверат кој бил на смена на 10 јули 2011 год. во 20 часот и кој одговарал на повиците на бесплатната телефонска линија 0800 22 555.

Меѓу другото, вработениот ме информираше дека директорите се запознаени со проблемот и дека „работат на проблемот“, но не се знае кога ќе го решат. Штом на проблемот се работи со години, бидејќи како што реков веќе неколку години имаме прекини на водоснабдувањето во лето, или проблемот е многу голем и не може да се реши толку брзо (во што се сомневам) или стручниот кадар со кој располага ЈП Водовод и канализација и не е така стручен, па оттука и нема капацитет да издејствува решение.

Ако информациите на веб-сајтот на ЈП Водовод и канализација се ажурирани и точни, тогаш и јавно ги повикувам членовите на управувачкиот одбор: Ицко Стојановски, како претседател, Сефер Саити, како потпретседател, па зошто да не и Христо Аиновски, како претседател на Контрола на материјално финансово работење, да преземат нешто! Сите членови на управувачкиот одбор се именувани од Советот на град Скопје, па (најголем) дел одговорноста за нивното несовесно работење, паѓа и на градот Скопје.

Ако директорите на ЈП Водовод и канализација со години не можат да решат проблем, каков што е овој со водоснабдувањето во Радишани во лето, тогаш можеби треба да бидат заменети со посовесни кадри што ќе бидат способни да одговорат на потребите на јавното претпријатие.

Нека биде ова и повик до сите новинари во Република Македонија, да вршат почесто информирање за овој проблем.