Немав претстава дека Blizoo го пренасочува сообраќајот од портата бр. 465 (SMTPS) на својата мрежа.

blizoo - fiber power

Ако добро сум го разбрал Петар, сообраќајот од динамичките IP-адреси се спроведува преку преку портата бр. 25 низ серверот smtp-relay.cabletel.com.mk што, практично, ги одзема придобивките од користењето на SMTPS.

Здраво Гоце,

Би сакал да те запознаам со неколку работи за мрежата на кабелскиот оператор Близу за кои малку луѓе кои ги користат нивните услуги знаат. Веднаш да ти кажам дека не сум IT високо-образован, меѓутоа па и сум далеку од оние корисници „рестартирај го модемот/рутерот“.

Го користам e-mail на сервисот mail.ru. Кога не сум на мојот лаптоп, се логирам преку веб за да ја проверам поштата, меѓутоа кога сум дома (на мрежата на Близу во Скопје, Кисела Вода) пораките ги проверувам преку Outlook 2013 со IMAP конфигуриран клиент.
До пред извесно време (пред 1 месец) клиентот беше конфигуриран согласно препорачаните подесувања од сервисот mail.ru и сѐ си работеше најнормално, немаше никаков застој во однос на моето користење на поштата. Со писмо од сервисот mail.ru бев известен дека подесувањата (993 SSL – imap.mail.ru/587 TLS – smtp.mail.ru) кои јас од дома за да проверам пошта ги користам треба да ги променам во 993 SSL – imap.mail.ru/465 SSL – smtp.mail.ru поради надградувањето на нивниот систем заклучно со крајот на месец февруари.

Тука настанува мојот проблем со нивната мрежа (мрежа без проблеми како тие ја нарекуваат), т.е. интернет мрежата на Близу. Имено, 465 SSL – smtp.mail.ru кај нив (од не знам која причина) е блокирана. Прво мислев дека мојата домашна мрежа е проблем, меѓутоа после повеќекратни тестирања од повеќе уреди и оперативни системи, на повеќе локации (проверував од кај роднини и пријатели за истиот проблем) утврдив дека проблемот е глобален, на целата нивна мрежа. И почнав да реагирам на начините кои мене ми се достапни како потрошувач. Цел февруари месец, јас упорно барав објаснување од Близу зошто тоа е така, на кои барања добивав благородни одговори дека ќе сум контактиран, но не бев. Дури вчера на 01 март јас добив одговор од ИТ оператор на Близу (извесен Никола Николовски) што е одговорот на мојот проблем.

Дечкото ми даде објаснување дека за да можам да користам 465 SSL – smtp.mail.ru морам да поднесам барање за фиксна IP адреса со МЕСЕЧНА претплата од 200 денари (пази цена!). Со моменталната динамична адреса нема да можам да користам 465 SSL – smtp.mail.ru бидејќи нивната мрежа барала исклучиво за smtp да се користи нивниот сервер т.е. smtp-relay.cabletel.com.mk port-25. Било кое друго подесување за smtp према дечково нема да работи и тоа е така неколку години. Е сега, ми дојде нелогично неговото тврдење бидејќи јас претходно на нивната мрежа користев и google mail со IMAP и smtp па одеше без проблеми. И подесувањата 993 SSL – imap.mail.ru/587 TLS – smtp.mail.ru работеа без проблем. Сега, според кажувањата јас сум обврзан да го користам нивниот сервер за праќање пораки (пошто од не знам која причина не сакаат да ја ослободат портата 465 SSL) или ако не сакам така, тогаш фиксна IP и плаќање 200 денари на месец за да се логирам директно на 465 SSL – smtp.mail.ru.

Операторот притоа ми кажа доколку не ми одговара тоа да си го користам web сервисот (а на IMAP) на mail.ru (доколку не плаќам за фиксна IP). И секако, напомена дека тоа не е основ за прекинување на претплатничкиот договор бидејќи јас сепак можам да праќам пораки НО само преку нивниот сервер а не преку друг (наводно претходно имале лоши искуства со праќање на спамови преку нивната мрежа па морале ова решение на штета на претплатник како мене, заради нивната очигледна неспособност да си го решат проблемот). Мене сѐ уште не ми е јасно како јас користев google mail со IMAP и smtp и одеше без проблеми кога дечково упорно тврдеше дека немало шанса тоа да се случува (кога де-факто тоа и се случува/ше).

Не знам зошто инсистираат да користам нивен сервер кога проблемот е многу јасен и не сакаат да го отстранат. т.е. портата 465 SSL не сакаат да ја ослободат. Јас сум сега приморан да користам сервер во кој немам доверба или да плаќам 200 денари за фиксна IP (што е глупост ноторна).
Само за пример, ни T-Home ни Телекабел ни ONE немаат вакви забрани, т.е. 465 SSL кај нив функционира најнормално.

Фала ти за времето,

Петар И. Димитров

Благодарност до Петар што сподели повеќе информации за овој проблем со мене.

ДОПОЛНУВАЊЕ #1: Правилник за видот и содржината на податоците кои операторите на јавни комуникациски мрежи и/или давателите на јавни комуникациски услуги се должни да ги објават во врска со општите услови за пристап и користење

ДОПОЛНУВАЊЕ #2: Извадок од правилникот во ДОПОЛНУВАЊЕ #1

VII. ЈАВНИ УСЛУГИ ЗА ПРЕНОС НА ПОДАТОЦИ

Член 41

Пристап и користење на јавна услуга за пренос на податоци преку кабелска мрежа

(5) Доколку операторот и/или давателот на услуги врши ограничување на претплатниците во однос на достапноста на одредени апликации, содржини и/или услуги, за истото треба да обезбеди јавно достапни информации со детално образложение за причините за ограничувањето.