Нема коментари

Скопје 2014

10 февруари 2010

Политичарите се бават со политика затоа што ние така сме одлучиле. Тие се избрани од нас – народот, за да работат во име на народот. Во истиот момент кога ќе почнат да работат за лични интереси мора да се интервенира. Нема утре, нема еднаш му е, нема оправдувања! Човек што лаже еднаш, ќе излаже и вторпат. Човек што украл еднаш, ќе украде и вторпат. Политичарите не се семоќни. Политичарите се исто така обични граѓани. Прават грешки, пијат алкохол, некои од нив се хомосексуалци, некои си ги тепаат жените, некои не знаат да читаат, некои не знаат да зборуваат… Ако еден човек е политичар, тој не е по правило секогаш во право, ниту пак по правило секогаш знае што зборува. Напротив, политичарите се тие што ги кажуваат најголемите глупости на денешницата.

Тогаш зошто политичарите во Република Македонија се однесуваат како да им е сè дозволено?

Па добро луѓе, како сакате да се однесуваат? Секојдневно ви вршат нужда на главите и вие не сакате ни да се погледнете. Колку ви е валкано над очите. Колку ви труе под носот! Зошто не се измиете? Зошто едноставно не си ги засукате издрпаните ракави и не почнете да го бришете изметот од лицето. Вистина е многу грозно. Но, друг начин нема! Доста плачете! Најдете вир со вода и почнете да триете. Тријте како што не сте триеле никогаш досега. Силно, луто, храбро! Не гледајте колку е валкана водата во вирот. Изметот на вашето лице е со сигурност повалкан. Измијте се и појдете кај најблискиот пријател. Помогнете му и нему да си го измие изметот. Потоа, заедно одете од куќа на куќа и помогнете им на сите случајни луѓе да се ослободат од изметот на нивните лица. Не водете инает никому! Не ги исмевајте луѓето што сè уште имаат измет на нивните лица. Не зборувајте напразно. Не правете се дека знаете сè. Слушајте ги сите луѓе што зборуваат. Имајте разбирање за туѓите проблеми и наместо да барате начин да не им помогнете на валканите и да ги исклучите од вашата група, ангажирајте се уште посилно. Колку повеќе лица ќе исчистите, толку повеќе измет ќе имате за чистење. Работата нема да станува поедноставна во никој случај. Но, вие нема да сте сами ниту пак ќе треба сè сами да сработите. Ќе имате на кого да се потпрете и ќе имате од кого да побарате помош. Луѓето на кои сте им помогнале, ќе ви возвратат со помош најмалку еднаш, а тоа ќе ви биде доволно да си ја соберете снагата и да си ја избришете потта.

Зарем мислите дека тогаш ќе ви биде сеедно кога ќе дојде некој политичар на ново да врши нужда. О, не! Тогаш ќе се сетите низ што сè поминавте за да дојдете до тука. Ќе ги споредите вашите издрпани и пожолтени ракави со преубавото одело на политичарот. Конечно ќе ви стане јасно дека вие сте тие што работите, а сепак немате ништо свое. Ќе појдете лути кај политичарот и без објаснување ќе го соблечете. Тој силно ќе се противи. Дури и ќе повреди неколку од вашите пријатели, но сепак вие заедно ќе го совладате. Нема да се исплашите! Ќе го фрлите убавото одело, зашто вам не ви треба маска за пред пријателите. Голиот политичар ќе го поставите до изметот, ќе му дадете лопата и ќе му наредите да го исчисти. Покрај толку многу измет, политичарот ќе почне да мириса исто како сите вас.

Светот никогаш нема да ослободи од сопствениот измет, но тоа не значи дека не треба да го чистиме. Работата на политичарите е да овозможат чистењето да се одвива непречено. Секогаш кога тие нема да си ја завршат сопствената задача, тоа ќе се одрази на сите нас. Затоа, секогаш кога ќе почне да ни смрди, мораме да ги отстраниме политичарите што не си ја вршат сопствената задача. Проектот „Скопје 2014“ почна да труе. Јас знам кој мами. Дали знаете и вие?

Време е за акција!

3 Коментари

Електрична заработувачка

09 февруари 2010

Со последната сметка за електрична енергија стигна и едно соопштение, во кое EVN го најавува последното поскапување на електричната енергија и меѓу другото, појаснува колкав дел од заработувачката од наплатата на сметките за електрична енергија останува во рацете на компанијата.

Ако овие информации се точни, тогаш јасно е дека државната компанија ЕЛЕМ има најголема корист од секое поскапување на електричната енергија и некако логично е, за да ја зголеми заработувачката, да бара поскапување на електричната енергија по разни основи.

На веб-страницата за годишни извештаи на ЕЛЕМ времето застанало во 2008 година. Нема годишен извештај за 2009 година.

Нема коментари

Mакедонската архитектура го оформила Барокот

07 февруари 2010

Понекогаш си велам, добро види се, колку малку познавања имаш за културата на сопствената земја. Во тие моменти, доволно е да прочитам или изгледам МАКЕДОНСКИ вести и да расчистам со дилемите. Не сум јас тој што нема познавања, туку македонските експерти секојдневно прават брејк-тру во своите области, па едноставно ми треба ажурирање. Понекогаш немам ни струја за да бидам во тек. Ве молам, простете.

Откритие на денот: македонската архитектура го оформила Барокот (преку Новица)

4 Коментари

Против EVN

07 февруари 2010

Денес, во дел од Радишани немаше струја од околу 8 часот наутро, до 23 часот. Остварив 4 повици кон EVN. Првиот пат ми најавија дека се работи за сериозен проблем. Вториот пат ме излажаа дека до 18 часот проблемот ќе биде решен. На третото јавување ми рекоа дека само што им јавиле дека проблемот ќе биде решен до 22 часот. И конечно, кога се jавив после 22 часот, ми рекоа дека немаат информација кога ќе биде решен проблемот, но се очекува тоа да се случи во текот на вечерта (јас би рекол ноќта).

Објаснувањето инаку беше дека изгорела трафостаница, дека станува збор за сериозен проблем и голем дефект и дека активно се работи на решавање на проблемот.

Компанија што 15 часа не може да реши проблем, не треба да постои, не треба да си го губи времето и не треба да ги искористува граѓаните. Таквата компанија има неквалификуван кадар, работи нетемелно и проблемите не ги решава систематски. Таквата компанија не анализира и не претпоставува. Таквата компанија работи на памет.

Да живеев во нормална земја каде што нема правна несигурност, со сигурност ќе поднесев приватна тужба против компанијата EVN. За нивна среќа, а и заради нашите ценети, неписмени и ненаситни власти, денес единствено што можам да правам е да се жалам на беспомошната ситуација во која ми беше наложено да се најдам.

Дополнување: Во 00:45 (07.02.2010) повторно снема струја и немаше сè до пред малку т.е. до 14 часот (07.02.2010). Значи, приближно 29 часа без електрична енергија!

Нема коментари

Јавно здравство 2010

02 февруари 2010

Користењето на услугите од јавното здравство во нашава држава е како со сила правење на будала. Не се за џабе кажани сите критики за нефункционирањето на системот, што во денешно време може да се слушнат од вистински и самонаречени експерти и од обични граѓани.

Денес, еден човек раскажа во што се состои неговиот проблем. Примен бил за операција на кила, но веќе два дена бил оставен да лежи во Градска болница без никаква храна, чекајќи го сопствениот ред на листата на „презафатените“ „доктори“. Кога конечно се видел со неговиот доктор и побарал да биде опериран побрзо, докторот му рекол: „Ако сакаш побрзо ќе си платиш 600 – 700 евра!“ И толку. Човекот, најверојатно ќе ја напушти болницата (ќе биде отпуштен од болницата зашто во моментов нема слободно место за операција на кила) и ќе биде примен повторно штом ќе се засити апетитот на лакомите доктори, па ќе бидат расположени да работат „за џабе“. Тоа што човекот има проблеми со здравјето, кои во било кој момент може да се искомплицираат никому не му е пречка.

Ако човекот се сетеше на името на неговиот доктор, ќе го наведев во овој запис. Од претпазливост или од страв, човекот не кажа име и за жал главната информација во овој запис недостасува.

Ваквите проблеми во системот може да ги реши само оној што умее да разбере во што тие се состојат. Сите театри пред јавноста за борба против корупцијата, сè помалку се уверливи и еднаш едноставно ќе мора да запрат! Само, кога?

1 Коментар

Врти, сучи, бучи

26 јануари 2010

Не се согласувам со актуелното барање на македонските медиуми. Ќе речам, дека е испад, основан на незнаење и неразбирање на придобивките од новите технологии. Ќе речам дека е обид за наметнување на правила на однесување. Ќе речам и дека е во согласност со актуелниот тренд на промовирање на едноумие и бирократија во Република Македонија.

Агрегаторите на содржини директно и недвосмислено носат поголема посетеност на веб-сајтовите на опфатените медиуми, а не како што самите медиуми велат, дека е обратното.

На обичните граѓани агрегаторите им нудат можност за:

  • брзо прегледување на најновите вести;
  • согледување на различни пристапи кон одредена тема;
  • откривање на содржини до кои инаку потешко се стигнува.

Агрегаторите на содржини се базираат на компјутерски алгоритми кои не го земаат во предвид тоа што Канал 5 е на Стојменов или пак што Сител е на Ѕинго.

Знам, проблем е што се нема контрола над агрегаторите и над нивните алгоритми. Секогаш е проблем кога се нема контрола над нешто. Секогаш во средини што се утепани од долгогодишна транзиција. Секогаш – во Македонија.

Да прашам:

  • Што ако Time.mk беше на Стојменов?
  • Што ако Seavus не го купеше Makfax?
  • Што ако Daily.mk беше на Сител?
  • Што ако некој ги собереше сите македонски медиуми на една отворена дебата и им направеше презентација на технологијата на агрегација на вести?
  • Дали тогаш немаше да се проблематизира преземањето на содржини?

И конечно, дали медиумите во Македонија сакаат да имаат финансиски придобивки од агрегацијата на нивните вести, па затоа се толку бучни? Ако е така, што тогаш вртат одоколу?