За ноќните автобуски линии на ЈСП

Ноќните линии на ЈСП се поскапи за 5 денари. Не знам дали знаете, но во автобусите „е потопло, услугата е на повисоко ниво и за секој патник следува по еден француски сендвич со Газоoза“. Многумина од вас сигурно се прашуваат, како ЈСП се сетиле на Газоoза, во овие зимски услови, а ние имавме шанса да добиеме ексклузивен одговор од портпаролот на Јавното Сообраќајно Претпријатие:

„ЈСП се грижи за благосостојбата на своите патници и активно придонесува кон доближувањето до европските стандарди. Благодарение на одличната соработка на директорот на ЈСП, Мишо Николчов, градоначалникот на град Скопје, Курцај Трајановски и премиерот на Република Македонија Никула Гробовски, Скопјаните, во автобусите на ЈСП, можат да јадат француски сендвичи и да пијат Газоoза и на 5 степени под нулата, без да им настинат грлцата.“

Амин.

Проектот „Скопје дише“ повеќе нема да биде финансиран

Да не остане некажано... „Скопје Дише“ нема повеќе да биде финансиран од градските власти.

Многу сум револтиран што ниеден / ниедна од тие неранимајковци / неранимајковки што се клацкаат во советничките фотељи, не се потресе што веќе со месеци не може да се види нивото на загадување на главниот град - претходно видливо преку индикаторите и веб-страницата на проектот „Скопје дише“. Очигледно забораваат дека сите дишеме од истиот гнасен воздух.

Од еколошката лабораторија на фирмата Фармахем која една година го одржуваше системот ни потврдија дека се работи за нешто повеќе од само надградба на софтверот, како што сега стои на страницата. Имале едногодишен договор за одржување на системот , но тој истекол, а досега од Градот Скопје нема иницијатива да се продолжи. Од Фармахем велат дека сакале да го надградат системот и со архива од податоците од мерењата, но дека за судбината на оваа транспарентна интернет алатка со која се служеа голем број граѓани треба да се обратиме во Градот.

Од Градот пак делуваат целосно незаинтересирано за продолжување на објавувањето на податоците за квалитетот на воздухот на интернет. Портпаролот Неделчо Крстевски вели дека поставувањето на сајтот уште од почетокот било иницијатива и добра волја на фирмата.

„Сајтот не беше наш. Во моментов не можеме да кажеме дали зависи од нас или од Фармахем. За нас е важно да работат мерните станици и граѓаните да можат да ги добиваат информациите за квалитетот на возухот од дисплеите на уредите“ вели Крстевски.

Од Градот признаваат дека за евентуално продолжување на работењето на „Скопје дише“ тие треба да ја почнат постапката која како што велат, била комплицирана бидејќи вклучувала распишување на тендер. Дали пак тоа ќе се случи, ниту тие самите не знаат.

„Не можам ништо да ви кажам сега, ниту дали ќе го има , ниту дали ќе го нема сајтот“ вели Крстевски.

За мене е важно да остане запомнето дека во февруари 2012 година, градските власти, на чело со „г-динот“ Коце Трајановски, не покажаа заинтересираност да го согледаат и да го решат проблемот со загадувањето на Скопје. Избраа да го игнорираат и директно станаа одговорни за здравјето на идните генерации.

Почитувани, не заслужувате ни денар од парите што сте ги заработиле во Вашиот мандат!

Ако ништо друго, еве, на мојот блог ќе пишува за катастрофалната грешка што ја направивте.

Е-даноци за граѓани – УЈП, реформа, токен, трошоци и др.

Кога денес дознав дека УЈП ќе овозможи поднесување на даночни пријави по електронски пат и за физички лица, многу се израдував. Но, подоцна подобро се информирав и ништо не остана од радоста.

Не ми требаше многу време да заклучам дека ова е уште една, како што „новинарите“ би сакале да кажат, т.н. популистичка мерка.

ujp-danoci-gragjani-token-reforma-trosoci

Обработена фотографија на УЈП

Зошто? Епа, затоа што се промовира како бенефит, а всушност е дополнителен трошок.

Ако државата ми излегува во пресрет и ми го олеснува животот, во никој случај не треба да ме обврзува на трошок од ±900 ден. годишно. Најмалку што би требала да направи е да ми даде избор: прва опција - можност за бесплатна регистрација на системот со основна заштита на личните податоци и втора опција - регистрација со екстра заштита со токен, кој би се купувал. Но бидејќи системот, претпоставувам, не нуди таква можност, веднаш, до израз доаѓа неговата ограниченост. Да не спомнувам пак, дека тој е од затворен тип и дека не е дозволен увид во начинот на кој, всушност работи.

Но, добро, пред да ме обвините дека имам премногу „западњачки“ очекувања, дозволете да се доискажам.

Денес, за едно физичко лице да поднесе годишна даночна пријава по вообичаен (неелектронски) пат, треба да појде во УЈП, да земе и да пополни бесплатни формулари и да почека извесно време, за да ја предаде хартијата.

Значи, нема трошоци за токен, нема 50 денари на врата, 10 денари за формулар и сл. Впрочем, формуларите се достапни за преземање на Интернет и секој што има услови, може да си ги испечати. Единствен трошок е изгубеното време. Да, позната ми е изреката дека „времето е пари“, но во овој случај тоа сигурно нема да достигне вредност од ±900 денари, зашто едноставно процедурата не е толку сложена.

Значи, државата уште еднаш, по не знам кој пат, применува мерки заради граѓаните, од коишто како да има намера да профитира... се разбира не директно, зашто токените, колку што сум запознаен, не ги продава таа. Како и да е, искрени намери за олеснување на поднесувањето на даночни пријави преку користење на предностите од електронската комуникација, според мене, нема.

Оваа мерка повеќе ја сфаќам како понуда на избор, како текст напишан со ситни букви на телевизиските реклами, како сервис што ретко ќе се користи, првенствено зашто не е бесплатен. А, сигурен сум дека државата, доколку сакала, можела да изнајде начин и механизми и да го направи бесплатен.

За крај, еве како се работи „на запад“.

Десет огнени лисици и десет молскавични птици

Денес, на 31 јануари 2012 год. излегуваат уште две нови надградби од кујната на Mozilla. Очекувајте ги Firefox 10 и Thunderbird 10 попладне, кратко по 16 часот, по локално време.

Што е ново во Firefox 10?

Firefox 10 ќе биде релативно голема надградба или барем поголема од оние, на кои се навикнавме во изминатиот период со забрзаниот развоен циклус.

Firefox ќе воведе помалку рестриктивен пристап кон додатоците. Повеќе нема да има потреба од задолжителна надградба за секој додаток, при објавувањето на нова верзија од Firefox.

Од 10-та верзија, Firefox ќе си претпоставува дека секој додаток е веќе прилагоден да работи и на понови верзии од прелистувачот. Така, корисниците нема да бидат оневозможени да ги користат омилените додатоци и на најновите верзии од Firefox, а вината за потенцијалните проблеми ќе биде префрлена кај развивачите на додатоците.

Во Firefox 10 ќе добиеме и алатка за брзо истражување и менување на составот на веб-страниците - алатката „Inspect“, составена од „Page Inspector“ и „Style Inspector“ - како еден вид на осиромашена верзија од Firebug, со поразличен дизајн. Предноста е што „Inspect“ станува составен дел од јадрото на Firefox, со што се намалува потребата од Firebug за основните корисници.

Други дополнувања и измени:

  • копчето „Forward“ станува невидливо, доколку нема следна страница кон која може да се насочите;
  • поддршка за anti-aliasing за WebGL;
  • подобрена поддршка за IndexedDB;
  • поддршка за веб-апликации што би работеле на цел екран;
  • поддршка за 3D-трансформации преку CSS3;
  • поддршка за елементот за двострано ограничување на текст;
  • подобрувања на Firefox Sync;
  • и така натаму.

Што е ново во Thunderbird 10?

Новата, 10-та верзија на Thunderbird, доаѓа со многу помали измени и дополнувања, но сепак се 130+.

Сосема нова ќе биде можноста за пребарување на Интернет директно од Thunderbird, а подобрувања можат да се очекуваат во функционалноста за пребарување низ пораките и менаџирањето на нацрти (drafts).

Честитки за уште две успешни изданија на целокупната заедница на Mozilla!

Преземено од Mozilla на македонски.