Откако ставив MaxTV – 3 Max Comfort+

Откако мигрирав на пакетот 3 Max Comfort+, моето сфаќање за квалитетот на услугите на Македонски Телеком се промени значително. Во овој краток напис, ќе ги наведам причините за тоа, без некој посебен редослед.

Ги пишувам овие работи, за потенцијалните корисници на 3 Max Comfort+ да знаат што ги очекува.

thome-epic-fail

преку babypips.com

Откако ставив MaxTV:

  • расположливата брзина на Интернет ми се намалува од ~8,6 Mbps, на ~6,6 Mbps, кога е вклучен медија приемникот. Штом ќе го исклучам, брзината се враќа на ~8,6 Mbps;
  • рутерот постојано прави некакви проверки и во логот запишува: „No automatic configuration or updates by the service provider possible for this device: Login error“. За ова се имам јавено на 0800 12345 и ми имаат речено дека прават некакви промени во системот и доколку немам проблеми со врската, дека било нормално;
  • дознав дека T-home по автоматизам не ги активира дополнителните услуги што следуваат со пакетот, ниту пак ги деактивира тие што се непотребни. Со други зборови, ако претходно ви наплаќале 50 денари за идентификација на повик, а со овој пакет таа услуга ја добивате бесплатно, самите мора да се јавите и да ја откажете постоечката услуга, за да престанат да ви ја наплатуваат;
  • мислам дека T-home престана да ми ја наплатува услугата „Моја сметка“;

Македонски Телеком, 0800-12345, АЕК, грижа за корисници

На македонскиот пазар има очајна потреба од конкуренција во секторот за Интернет и комуникации. Да не речам, ни треба нов Он.нет.

Она што во моментов се случува во Македонски Телеком е за секаква критика. Компанијата како да подзаспала во својата слава. Грижата за корисниците е на мизерно ниво. Да не речам, ја нема.

Розовиот свет што го гледаме во рекламите на T-home, нема многу врска со реалноста.

Промоција на T-home

Да имаш проблем со некоја од услугите на T-home и да сакаш да го решиш, во денешно време е огромен предизвик. Прво, на телефонските броеви за грижа за корисници те пречекува необучен кадар. Второ, кога ќе дојдат сервисери, да поправат одреден проблем со уредите на T-home во домот, тие повторно се необучени и големи се шансите да расипат уште нешто, наместо да го поправат постоечкиот проблем.

Скоро имав проблем со чести рестартирања на рутерот. Дури четири пати доаѓаа лица од Македонски Телеком за да го решат проблемот и секогаш решенијата, ако воопшто можат така да се наречат зашто се состоеа во чекање: „да видиме како рутерот ќе реагира“, траеа ден-два. На крај, ме советуваа сам да појдам и да го заменам рутерот со нов.

Кога се јавувам да пријавам проблем, очекувам да добијам решение. Не претпоставки, не можни алтернативи, не префрлање на вината. Не знам само колку пати операторите на 0800-12345 заклучија дека имам проблеми со нискиот напон и затоа ми се рестартирал рутерот. Демек, проблемот е во ЕВН. Се разбира дека тоа не беше случај, иако неретко и ЕВН може да те извади од кожа.

Недозволиво е да отвориш бесплатен телефонски број за грижа за корисници, што ќе биде зафатен 24 часа во денот, па уште и да бараш од корисниците да имаат разбирање за тоа и да бидат упорни! Изминатава недела, како и претходната, додека чекам да ми го мигрираат корисничкиот пакет, ниеднаш не успеав да остварам повик кон 0800-12345. Постојано беше зафатено, па се јавував на 171 и барав да бидам префрлен на 0800-12345. Така можело?! Кога конечно ќе бев префрлен и ќе ми се јавеше некој оператор (Дејан, Даниел...) фрустрациите стануваа уште поголеми, откако операторите ќе заклучеа дека кај нив е сè во ред и дека НЕ БИ ТРЕБАЛО да има проблем. Да спомнувам дека, самите оператори ме советуваа да го рестартирам рутерот додека разговарам телефонски со нив (што е еднакво на прекинат телефонски повик)?

Се јавувам на 171, ми кажуваат дека имам MaxTV. Ме префрлаат на 0800-12345 ми кажуваат дека MaxTV сè уште не ми е активирана. Е ај, сега.

Ова е многу слично со она што се случуваше во Он.нет на времето. Знаете, оној муабетот: „Да, знаеме. Проблемот е од наша страна. Екипите се на терен и работат на остранување на дефектот... не можам да ви кажам кога ќе биде отстранет дефектот.“

Да се разбереме, кога плаќам речиси 3,000 денари месечно за комуникациски услуги од Македонски Телеком, сакам до денарче да го добијам она за што плаќам. Ако не го добијам, сакам државата да ме заштити и да ја примора компанијата да го обезбеди тоа, што се обврзала да го продава.

Немам разбирање за изговори од типот: „би требало да немате никаков проблем“, „проблемот е од Ваша страна“, „екипите се на терен“, „заради структурни измени во нашата компанија...“ итн, итн. Не-мам!

Јасно ми е дека, сето тоа се случува заради катастрофалниот правен, па и судски систем во државава, благодарение на кој, компаниите можат да те третираат како ѓубре, без никаква одговорност. Можеш да тужиш, но зарем Македонски Телеком нема свои судии?

Државата мора под итно да најде начин да создаде механизми за контрола на квалитетот на услугите на компаниите што продаваат Интернет и комуникациски услуги.

Не е доволно што се демонстрира јавна заложба, преку Агенцијата за електронски комуникации (АЕК). Зошто? За да се пожалам до АЕК, треба прво да поднесам приговор до Македонски Телеком, да чекам одговор во рок од 15, па дури потоа да поднесам приговор до АЕК и повторно да чекам, за на крајот да ме пречека, што? Губење време?!

Зошто државата да чека од граѓаните да пријават неуслуга, кога државата во континуитет треба самата да ги открива натрапниците? Државата тоа не го прави со години. Всушност, не знам дали некогаш воопшто го правела. Но, еве можност да се корегира. Не сум луд што барам од државата да ме заштити, иако тоа за некого, може и така да изгледа.

Не знам што направи Он.нет на времето кога корисниците масовно мигрираа од Македонски Телеком, но очајно има потреба тоа да го направи некој нов или можеби постоечки Интернет-провајдер. Веројатно понуди непосредност, висок квалитет на услуги, ажурност и можеби љубезност, што не се претвора во лицемерие.

Јас бев еден од корисниците што се вратија на услугите на Македонски Телеком, кога пукна работата во Он.нет и оттогаш до последнава година бев презадоволен од услугите што ги добивав. Денес, не сум задоволен и сум разочаран.

Разочаран, зашто во Република Македонија сите големи компании се како тромави дебели животни што прават штета, а државата немо ги гледа.

Незадоволен, зашто знам колку е добро кога Македонски Телеком не ги препушта работите на случајности и дава сè од себе, за повторно да ја добие довербата на корисниците што, условно речено, повеќе не се негови.

Има ли способни луѓе во Македонија што можат да создадат телекомуникациски провајдер, што „ќе го утепа“ Македонски Телеком? Ако има, ги повикувам, да почнат да го прават тоа веднаш.

Попис 2011: Прашања без одговори

За времетраењето на измачувањето со т.н. Попис 2011, бев наведен на размислување околу некои осетливи теми, што верувам дека би можеле да предизвикаат радикални промени во општественото уредување на Република Македонија и нови проблеми.

Имам неколку прашања, на коишто сум речиси сигурен дека има минимални шанси да добијам одговори, но сепак ќе ги поставам.

  1. Дали бројот на Албанците, што би биле попишани како државјани на Република Македонија треба да се постигне вештачки, односно дали постои одреден број на Албанци, што мора по секоја цена да биде регистриран?
  2. Ако се намали процентуалната застапеност на албанското население во Република Македонија, дали тоа значи дека во средините во коишто неговиот број ќе биде недоволен за да се обезбедат правата што произлегуваат од Рамковниот договор, Албанците ќе ги загубат привилегиите што ги стекнаа по потпишувањето на овој документ?
  3. Ако во Република Македонија реално не живеат толку Албанци, колку што треба да бидат попишани, тогаш која е основата на спроведувањето на проект „мултиетничко општество“? Не за друго, реализацијата на идејата чини многу пари, кои, наместо за повеќејазична бирократија и сл., би можеле да се пренаменат за помалку апстрактни проекти, како на пример: инвестиции во патна инфраструктура, одржлив развој, екологија, информациски технологии итн.
  4. Што ако бројот на Албанците во Република Македонија е драстично намален од минатиот попис? Дали тоа нешто менува?
  5. Како е можно толкувањето на законски акти да го прават лица што попишуваат, кога тие се само извршители по претходно зададени правила и по спроведена обука за попишување? Зарем тоа не е кривично дело за кое се одговара?
  6. Ако пописот се одложи за неколку месеци, дали тоа значи дека се остава простор албанските иселеници да ја посетат Република Македонија и со тоа да задоволат еден од спорните критериуми за попишување?

Супер би било, кога некој би одговорил.

Рецензија: „Панкот не е мртов“

„Панкот не е мртов“ е еден од најлошите македонски филмови, што ги имам гледано во последните неколку години. Не знам зошто упорно мораме да се давиме во бедотија, стереотипи и безизлезност. Во продолжение ќе пишувам за моето лично доживување на филмот со „спојлери“, па ако не сте го гледале, подобро не читајте понатаму.

Приказната

Багра од пропаднати панкери, што очајно се борат со животот, има можност да свири во Дебар. Панкерите пола филм се натегаат дали да ја прифатат свирката и се собираат од по Балканот, за да го реоформат бендот. Во останатиот дел од филмот се случува свирката, неколку инциденти и тоа е тоа.

Низ целиот филм се испреплетени, би рекол, плитки обиди за доловување на македонското современие, животот на македонските панкери, животот во мултиетничкото општество, насилството кај Албанците и Комитите итн.

Стереотипи колку сакаш: Албанците се насилни; панкерите се „џанаци“, вулгарни и сиромашни; Македонците се плашат да се движат низ деловите во Скопје со доминантно албанско население; територијата што е населена од Албанци е небезбедна; Албанците прават матни зделки итн.

„Кур“, „пичка“ и „педерче“ се најчестите зборови во филмот. Ако се земе предвид дека филмот ќе го гледа релативно млада публика, можете само да замислите колку негативно влијание тој ќе има на нивниот речник.

Најголем дел од смешките во филмот се излитени, наметливи и веќе чуени.

За изведбата на актерската екипа не сакам ни да почнувам да пишувам...

Мижи да ти баам

Имаше делови во филмот кога ми идеше да си станам и да си заминам. На пример: албански вооружени насилници што оперираат во околината на Дебар, се разнежнуваат на жаба; бендот јаде стравотен ќотек од Комитите, задржувајќи се повеќе од потребното заради истата жаба; погреб на жаба; филмот завршува со дискусија во врска со тоа дали и кој сè уште „си го дрка“.

Слободата на камерата

Настрана од сите глупости, „Панкот не е мртов“ има ефективна камера, што во некои сцени успешно ја отсликува тензијата, радоста, страста, стравот итн. Но, такви сцени нема премногу.

Заклучок

„Панкот не е мртов“ појдов да го гледам без никакви очекувања. Не ми се допадна. Патем, оценката од 8,5, на Internet Movie Database (IMDB) (во моментот додека го пишував текстов), нема никаква врска со реалноста.