Македонски Телеком, 0800-12345, АЕК, грижа за корисници

На македонскиот пазар има очајна потреба од конкуренција во секторот за Интернет и комуникации. Да не речам, ни треба нов Он.нет.

Она што во моментов се случува во Македонски Телеком е за секаква критика. Компанијата како да подзаспала во својата слава. Грижата за корисниците е на мизерно ниво. Да не речам, ја нема.

Розовиот свет што го гледаме во рекламите на T-home, нема многу врска со реалноста.

Промоција на T-home

Да имаш проблем со некоја од услугите на T-home и да сакаш да го решиш, во денешно време е огромен предизвик. Прво, на телефонските броеви за грижа за корисници те пречекува необучен кадар. Второ, кога ќе дојдат сервисери, да поправат одреден проблем со уредите на T-home во домот, тие повторно се необучени и големи се шансите да расипат уште нешто, наместо да го поправат постоечкиот проблем.

Скоро имав проблем со чести рестартирања на рутерот. Дури четири пати доаѓаа лица од Македонски Телеком за да го решат проблемот и секогаш решенијата, ако воопшто можат така да се наречат зашто се состоеа во чекање: „да видиме како рутерот ќе реагира“, траеа ден-два. На крај, ме советуваа сам да појдам и да го заменам рутерот со нов.

Кога се јавувам да пријавам проблем, очекувам да добијам решение. Не претпоставки, не можни алтернативи, не префрлање на вината. Не знам само колку пати операторите на 0800-12345 заклучија дека имам проблеми со нискиот напон и затоа ми се рестартирал рутерот. Демек, проблемот е во ЕВН. Се разбира дека тоа не беше случај, иако неретко и ЕВН може да те извади од кожа.

Недозволиво е да отвориш бесплатен телефонски број за грижа за корисници, што ќе биде зафатен 24 часа во денот, па уште и да бараш од корисниците да имаат разбирање за тоа и да бидат упорни! Изминатава недела, како и претходната, додека чекам да ми го мигрираат корисничкиот пакет, ниеднаш не успеав да остварам повик кон 0800-12345. Постојано беше зафатено, па се јавував на 171 и барав да бидам префрлен на 0800-12345. Така можело?! Кога конечно ќе бев префрлен и ќе ми се јавеше некој оператор (Дејан, Даниел...) фрустрациите стануваа уште поголеми, откако операторите ќе заклучеа дека кај нив е сè во ред и дека НЕ БИ ТРЕБАЛО да има проблем. Да спомнувам дека, самите оператори ме советуваа да го рестартирам рутерот додека разговарам телефонски со нив (што е еднакво на прекинат телефонски повик)?

Се јавувам на 171, ми кажуваат дека имам MaxTV. Ме префрлаат на 0800-12345 ми кажуваат дека MaxTV сè уште не ми е активирана. Е ај, сега.

Ова е многу слично со она што се случуваше во Он.нет на времето. Знаете, оној муабетот: „Да, знаеме. Проблемот е од наша страна. Екипите се на терен и работат на остранување на дефектот... не можам да ви кажам кога ќе биде отстранет дефектот.“

Да се разбереме, кога плаќам речиси 3,000 денари месечно за комуникациски услуги од Македонски Телеком, сакам до денарче да го добијам она за што плаќам. Ако не го добијам, сакам државата да ме заштити и да ја примора компанијата да го обезбеди тоа, што се обврзала да го продава.

Немам разбирање за изговори од типот: „би требало да немате никаков проблем“, „проблемот е од Ваша страна“, „екипите се на терен“, „заради структурни измени во нашата компанија...“ итн, итн. Не-мам!

Јасно ми е дека, сето тоа се случува заради катастрофалниот правен, па и судски систем во државава, благодарение на кој, компаниите можат да те третираат како ѓубре, без никаква одговорност. Можеш да тужиш, но зарем Македонски Телеком нема свои судии?

Државата мора под итно да најде начин да создаде механизми за контрола на квалитетот на услугите на компаниите што продаваат Интернет и комуникациски услуги.

Не е доволно што се демонстрира јавна заложба, преку Агенцијата за електронски комуникации (АЕК). Зошто? За да се пожалам до АЕК, треба прво да поднесам приговор до Македонски Телеком, да чекам одговор во рок од 15, па дури потоа да поднесам приговор до АЕК и повторно да чекам, за на крајот да ме пречека, што? Губење време?!

Зошто државата да чека од граѓаните да пријават неуслуга, кога државата во континуитет треба самата да ги открива натрапниците? Државата тоа не го прави со години. Всушност, не знам дали некогаш воопшто го правела. Но, еве можност да се корегира. Не сум луд што барам од државата да ме заштити, иако тоа за некого, може и така да изгледа.

Не знам што направи Он.нет на времето кога корисниците масовно мигрираа од Македонски Телеком, но очајно има потреба тоа да го направи некој нов или можеби постоечки Интернет-провајдер. Веројатно понуди непосредност, висок квалитет на услуги, ажурност и можеби љубезност, што не се претвора во лицемерие.

Јас бев еден од корисниците што се вратија на услугите на Македонски Телеком, кога пукна работата во Он.нет и оттогаш до последнава година бев презадоволен од услугите што ги добивав. Денес, не сум задоволен и сум разочаран.

Разочаран, зашто во Република Македонија сите големи компании се како тромави дебели животни што прават штета, а државата немо ги гледа.

Незадоволен, зашто знам колку е добро кога Македонски Телеком не ги препушта работите на случајности и дава сè од себе, за повторно да ја добие довербата на корисниците што, условно речено, повеќе не се негови.

Има ли способни луѓе во Македонија што можат да создадат телекомуникациски провајдер, што „ќе го утепа“ Македонски Телеком? Ако има, ги повикувам, да почнат да го прават тоа веднаш.

Попис 2011: Прашања без одговори

За времетраењето на измачувањето со т.н. Попис 2011, бев наведен на размислување околу некои осетливи теми, што верувам дека би можеле да предизвикаат радикални промени во општественото уредување на Република Македонија и нови проблеми.

Имам неколку прашања, на коишто сум речиси сигурен дека има минимални шанси да добијам одговори, но сепак ќе ги поставам.

  1. Дали бројот на Албанците, што би биле попишани како државјани на Република Македонија треба да се постигне вештачки, односно дали постои одреден број на Албанци, што мора по секоја цена да биде регистриран?
  2. Ако се намали процентуалната застапеност на албанското население во Република Македонија, дали тоа значи дека во средините во коишто неговиот број ќе биде недоволен за да се обезбедат правата што произлегуваат од Рамковниот договор, Албанците ќе ги загубат привилегиите што ги стекнаа по потпишувањето на овој документ?
  3. Ако во Република Македонија реално не живеат толку Албанци, колку што треба да бидат попишани, тогаш која е основата на спроведувањето на проект „мултиетничко општество“? Не за друго, реализацијата на идејата чини многу пари, кои, наместо за повеќејазична бирократија и сл., би можеле да се пренаменат за помалку апстрактни проекти, како на пример: инвестиции во патна инфраструктура, одржлив развој, екологија, информациски технологии итн.
  4. Што ако бројот на Албанците во Република Македонија е драстично намален од минатиот попис? Дали тоа нешто менува?
  5. Како е можно толкувањето на законски акти да го прават лица што попишуваат, кога тие се само извршители по претходно зададени правила и по спроведена обука за попишување? Зарем тоа не е кривично дело за кое се одговара?
  6. Ако пописот се одложи за неколку месеци, дали тоа значи дека се остава простор албанските иселеници да ја посетат Република Македонија и со тоа да задоволат еден од спорните критериуми за попишување?

Супер би било, кога некој би одговорил.

Рецензија: „Панкот не е мртов“

„Панкот не е мртов“ е еден од најлошите македонски филмови, што ги имам гледано во последните неколку години. Не знам зошто упорно мораме да се давиме во бедотија, стереотипи и безизлезност. Во продолжение ќе пишувам за моето лично доживување на филмот со „спојлери“, па ако не сте го гледале, подобро не читајте понатаму.

Приказната

Багра од пропаднати панкери, што очајно се борат со животот, има можност да свири во Дебар. Панкерите пола филм се натегаат дали да ја прифатат свирката и се собираат од по Балканот, за да го реоформат бендот. Во останатиот дел од филмот се случува свирката, неколку инциденти и тоа е тоа.

Низ целиот филм се испреплетени, би рекол, плитки обиди за доловување на македонското современие, животот на македонските панкери, животот во мултиетничкото општество, насилството кај Албанците и Комитите итн.

Стереотипи колку сакаш: Албанците се насилни; панкерите се „џанаци“, вулгарни и сиромашни; Македонците се плашат да се движат низ деловите во Скопје со доминантно албанско население; територијата што е населена од Албанци е небезбедна; Албанците прават матни зделки итн.

„Кур“, „пичка“ и „педерче“ се најчестите зборови во филмот. Ако се земе предвид дека филмот ќе го гледа релативно млада публика, можете само да замислите колку негативно влијание тој ќе има на нивниот речник.

Најголем дел од смешките во филмот се излитени, наметливи и веќе чуени.

За изведбата на актерската екипа не сакам ни да почнувам да пишувам...

Мижи да ти баам

Имаше делови во филмот кога ми идеше да си станам и да си заминам. На пример: албански вооружени насилници што оперираат во околината на Дебар, се разнежнуваат на жаба; бендот јаде стравотен ќотек од Комитите, задржувајќи се повеќе од потребното заради истата жаба; погреб на жаба; филмот завршува со дискусија во врска со тоа дали и кој сè уште „си го дрка“.

Слободата на камерата

Настрана од сите глупости, „Панкот не е мртов“ има ефективна камера, што во некои сцени успешно ја отсликува тензијата, радоста, страста, стравот итн. Но, такви сцени нема премногу.

Заклучок

„Панкот не е мртов“ појдов да го гледам без никакви очекувања. Не ми се допадна. Патем, оценката од 8,5, на Internet Movie Database (IMDB) (во моментот додека го пишував текстов), нема никаква врска со реалноста.

Скопје не е на ВМРО-ДПМНЕ

Секогаш кога СДСМ ќе биде обвинета дека попречува некаков развој, знајте дека тоа е само добро покритие за нечистите зделки на власта и оправдување, за во случај некои од тие зделки да бидат јавно откриени. Ако операцијата се заврши успешно, ВМРО-ДПМНЕ e спасителот, заштитникот од злите сили на СДСМ. Ако нешто тргне наопаку, ВМРО-ДПМНЕ е жртвата на подлите предавнички дејствувања на СДСМ и пак вината е кај СДСМ.

Гледај го „They Live“ на John Carpenter

Јас не мислам дека власта знае што прави со главниот град на Република Македонија. Ниту пак мислам дека „прогресот“ што ни претстои, ќе биде алтруистички зафат во корист на граѓаните. Граѓаните знаат што е добро за нив и знаат што сакаат. Сакаат зелена површина во централното градско подрачје, сакаат пазар и не сакаат нови згради. ВМРО-ДПМНЕ, не сака да чуе за тоа и се разбира, својата аверзија ја демонстрира како обид за спас на јавноста од нечии расипнички намери, пардон, од намерите на СДСМ.

Ако граѓаните не сакаат нови згради во Центар, а власта не „ги шиша“ и упорно настојува да ја наметне својата слика за иднината на Скопје, јасно е дека власта не работи за граѓаните, туку работи за сопствените интереси. Се разбира, не кажувам ништо ново.

ВМРО-ДПМНЕ го покори Скопје кога своите добри намери кон православните верници, ги демонстрираше во облик на ќотек за „богохуљниците“, пред почетокот на проектот Скопје 2014. Црква на плоштадот сè уште нема, но затоа пак на сите ни стана јасно што значи да се има различно мислење од она на масата и уште појасно, што се добива кога тоа мислење се искажува јавно.

Сепак, кога апетитите на партијата ќе го изедат твојот парк, твоето пазарче, твојот леб, одеднаш очите се отвораат, мозокот проработува, проблемите стануваат реални.

Сега, група граѓани не се согласува со одлука на општината Центар и тие се етикетирани како припадници на опцијата на политичкиот противник на власта. Се нема слух за суштината на проблемот. Се настојува да се потисне отпорот. Се користат сите механизми. Ако работата запне многу, можеме да очекуваме копање по историјата на индивидуалци од отпорот и потрага по врски со членови на СДСМ. Веќе и шемата е видлива.

А, сè би било поинаку доколку власта не дава нагонски отпор кон сите критики на граѓаните.

Градот Скопје е на сите граѓани што живеат во него, а не на политичката гарнитура што има мандат да го управува. Но, за да можеш да го земеш туѓото мислење предвид, мора да согледаш дека постои можност некој со тебе да не се согласува. Најголем дел од припадниците на политичката опција на ВМРО-ДПМНЕ, немаат капацитет за тоа. Кога некој со нив не се согласува или е припарник на СДСМ или е роднина со член на СДСМ или е наркоман, хомосексуалец, пропалитет... или е политички профитер.

Не потенцирам дека не сум партиски определен, зашто не сакам да се правдам за сопствениот избор, но под власта и закрилата на ВМРО-ДПМНЕ тоа како да станува неопходно. Како да доаѓа моментот, сега да измрчам збор-два и за СДСМ, за да избалансирам, ама нема. Партијата си има доволно проблеми и итна потреба да ги реши.

Зборот ми беше... Мене ми е сосема јасно дека некој пазарил две згради во Центар, дал збор но, не очекувал дека ќе наиде на отпор од граѓаните. И, сега, проблемот е како да се замолчат луѓето и како да се намали релевантноста на целата дискусија. За среќа ВМРО-ДПМНЕ ги има СДСМ, па треба само ѝ ги посочи на јавноста во тој контекст и медиумите ќе го завршат остатаното.

ВМРО-ДПМНЕ може и овојпат да успее да ја наметне својата агенда, но во иднина ваквите предизвици ќе стануваат сè потешки. Можеби граѓаните го преспаа Скопје 2014, но очигледно се разбудија пред зеленото пазарче и спомените што се распослани во паркот спроти Бристол.

Очекувам дека во иднина ќе се реагира сè почесто и за сè помали проблеми, што дава нова надеж дека мрзата конечно, пополека го напушта македонскиот менталитет.