Еден обичен ден во МВР. Гужва, нетрпение, некултура и нервоза.
Во ходниот пред собата за забрани – собата 28 – стои шеесет и неколку годишен маж и се плетка во нозете. Дали да тргне и да замине или да му се обрати некому и да постави прашање. Очигледно нешто не му е јасно и не знае што да прави. Има некоја борба во него, што му се чита од лицето. Шета напред. Шета назад. Шета во круг. Шета секако.
И додека расте тензијата во него и ходникот полека се полни со гласовите на административците што надоаѓаат, брзајќи доаѓа еден административец.
Човекот нерешително, дури уплашено – речиси како да треба да го моли – му пристапува велејќи:
– Извинете, може едно прашање?
Административецот не подзастанувајќи, не оставајќи време да му се насети мирисот, дрско и отсечно вели:
– Не може! – и ја треснува вратата пред ликот на чичкото.
***
На влезот пред собата 28 е гужва и нема простор да се помине. Тоа го забележува една административка од постарата генерација и решително им се обраќа на „странките“.
– Каде сте застанале? Да не може човек да влезе! Да не може да помине! Ајде, излезете во ходникот. Застанете тука! – и покажува со прстот кон просторот пред влезот во ходникот.
Едно храбро момче, видно револтирано ѝ се обраќа:
– Како да не! Каде сакаме ќе стоиме. Вие ќе ни кажете каде да стоиме. Наше право си е каде ќе стоиме и Вие ништо не можете во врска со тоа. Плус, влезот за собата 28 е овде, а не во ходникот!
Административката, чудејќи се, со празен филчан в раце заминува, велејќи:
– Бог да чува!!!
Поминуваат извесно време. Административката поминува уште неколку пати, упатувајќи чудни погледи и конечно се враќа со цела редица „странки“ зад неа. Па, во возбуда, обраќајќи ѝ се на една од странките вели:
– Еее… ние, знаеш, колку странки вака си примаме од позади. О, хо, хооо…
***
Пред собата 28, сè уште е гужва. Пред само неколку моменти, преку ред, бесрамно, влегоа неколку лица со еден административец во сина блуза. Како никој пред нив да не чека! Како да се тие на ред!
Луѓето што повеќе од еден час чекаа пред вратата, на неколку пати имаа можност да ѕирнат во внатрешноста на фамозната соба за забрани. Целата е облепена со гигантски постери од Тоше Проески – на кои пишува „Тоше, те сакаме!“ – како соба на средношколка, а по големината на просторот e мала. Собата 28 има врата со расипана дршка и тешко се отвора.
***
По извесно време, излегува административката од 28 и за момент може да се види дека, сега, административецот во сина блуза работи на нејзиниот компјутер, а на столчето за сликање седи господин во црн капут. Од десната страна стои, веројатно, неговата придружничка, облечена во зелен костум.
Во ходникот, во разговор со некое лице што не се гледа, службеничката слободно вели:
– Имам некои VIP луѓе, па чекам да завршат. – притоа, воопшто не внимавајќи на тоа дека *обичните* луѓе ја слушаат.
***
Во ходникот пред собата 28, разговараат луѓето што чекаат и еден од присутните ја објаснува процедурата за запишување на забрана на новите (пластични) возачки дозволи.
– Нема врска дали си добил покана да ја предадеш возачката или не. За да ти ја земат, мораш да поднесеш барање за нова возачка дозвола. Исто ти е, како да си вадиш нова возачка дозвола, само што не се сликаш во 6А/6Б. Си ги плаќаш трите уплатници со суми од 280, 110 и 100 денари, си пополнуваш барање за возачка дозвола и пријава за возачка книшка. Плус, ти требаат две слики за возачката книшка, а треба да ја предадеш и старата возачка книшка. Демек, не можеле да ја пишат забраната на пластичната возачка и затоа морале да прават нова. И све на мој трошок. Лопови!
Друг, се надоврзува:
– Да! Ако имаш од старите возачки процедурата не е таква. Само печат ти ставаат и толку. И ти ја пишува забраната.
***
Од некаде, во ходникот доаѓа млада административка со своето дете. Мислиш, градинка.
Детето се движи несмасно. Мајка му го припазува. Тоа, оди од врата на врата, посегнува по дршките. А мајка му, така, површно загрижена, само вели:
– Не, мама, таму. Не, мама, таму. Ајде ќе одиме кај тетка… – и влегуваат во една од просториите.