Има денови кога ме обзема чувство потешко и од најтешката депресија – презир кон луѓето. Да ви кажам што презирам и кого презирам: современиот човек кому, за несреќа, јас сум му современик. Се задушувам во нечистиот здив на современиот човек. Кон минатото се однесувам како и сите други, го толерирам, да речам, со благородна самоконтрола, со голема претпазливост поминувам низ илјадници години од оваа лудница наречена христијанство, „христијанска вера“ или „христијанска црква“, не можам да речам дека го обвинувам човештвото за неговите лудости. Но моите чувства се менуваат во моментот кога навлегувам во современите времиња, во нашите времиња. Нашево време е попаметно… Она што порано било болно, сега станува недолично, недолично е да се биде христијанин денес. Ми се гади од ова. Гледам околу себе. Нема веќе ниту еден збор од она што некогаш се нарекуваше „вистина“, не можеш веќе да слушнеш некој свештеник да го изговара тој збор. И најскромниот човек кој се стреми да биде чесен мора да знае дека еден теолог, свештеник или поп не само што не знае да зборува, туку и лаже и тој веќе не може да се прикрива зад зборовите „невиност“ или „незнаење“. Свештеникот многу добро знае, исто како и секој друг човек, дека не постои некојси „Бог“ или „грев“ или некојси „Спасител“, дека „слободната волја“ и „моралниот ред во светот“ се лаги – сериозното размислување, длабокото самопокорување на духот дозволува ниту еден човек да не се преправа дека не го знае тоа. Всушност, гледаме какви се сите идеи на црквата. Како најлошото лажно постоење да е создадено за обезвреднување на природата и на нејзините вредности; го гледаме свештеникот таков каков што е, како најопасниот вид паразит, како отровен пајак на создавањето… знаеме, а и нашата совест знае, колку само вредеа сите овие грешни зданија на свештеникот и на црквата и за што служеа со нивното обезвреднување на народот до состојба на самозагадување, ни се гади од нив – поимите „оној свет“, „страшен суд“, „бесмртност на душата“, самата „душа“: постојат премногу начини на измачување, системи на суровост благодарение на кои свештеникот беше и остана господар… Секој го знае ова, но и покрај тоа, сè останува по старо.

Каде се изгуби чувството за пристојност, за самопочит, кога нашите државници или, поинаку кажано, несекојдневната класа на луѓе и нехристијани докажани на дело, и ден-денес се нарекуваат себеси христијани и одат на причесна? Еден владетел на чело на неговата војска е величенствен како изразот на егоизам и ароганција на неговите луѓе, а сепак признава, без никаков срам, дека е христијанин! Тогаш кој го порекнува христијанството? Што е „свет“ за него? Да бидеш војник, да бидеш судија, патриот, да се браниш себеси, да се држиш до својата чесност, да извлечеш корист од некого, да бидеш горд… сè што правиме секојдневно, секој инстинкт, секоја вредност која се прикажува на дело, сега е нехристијанска: каков искривоколчен лажливец е современиот човек штом, и покрај сè, бесрамно се нарекува себеси христијанин.

стр. 56 – 59 – „Антихрист“ – Фридрих Ниче (Ѓурѓа)