Работењето со маркетинг-агенции има свои предности и маани. Една од предностите е дека, како самостоен дизајнер, вие нема да треба да се грижите за комуникацијата со крајниот клиент и дека тоа ќе ѝ биде препуштено на самата агенција. Таа ќе се јави во улога на посредувач помеѓу вас, како извршител на сегмент од проектот или пак, на целиот проект и крајниот клиент, како купувач на производот. Ваквото посредување, колку што е предност, толку е и маана, доколку работите тргнат наопаку. А, наопаку, ќе тргнат каде ако не во Македонија.
Овој запис слободно можете да го означите (читајте тагувате) со „clients from hell“.
Самостојните дизајнери во нашата земја се редок вид, а верувам дека однесувањето на маркетинг-агенциите има голем удел во тоа. Човек треба да има челични нерви, да е лудачки претпазлив и да е многу упорен, доколку сака да опстои на „пазарот“ со нејасно дефинирани правила на игра… пазар, на којшто ретко кој знае што купува или пак што продава. Ваша среќа е ако соработувате со маркетинг-агенции, за коишто не е својствен претходниот опис.
Неодамна имав непријатно искуство со Message – мала маркетинг-агенција од Скопје.
Имам пракса, за секој започнат проект, да барам исплата, во две етапи – првата пред започнувањето и втората по завршувањето на проектот. Со авансната исплата се осигурувам дека клиентот е сериозен во својата дејност и се мотивирам, за целосно да се вложам во проектот.
Message ми беа специфични клиенти, по тоа што за нив правев отстапка во начинот на наплатување за мојот ангажман, бидејќи не беа во можност да ме исплаќаат авансно. Со Message досега имаме соработувано на неколку проекти.
Последниов пат, соработката се оствари со цел да се изработи визуелен идентитет за „Центар за обука на пилоти“ (на хеликоптери) – за потребите на Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи на Република Македонија. Прва етапа, требаше да биде изработката на лого.
Проектот ми беше презентиран како сериозен, а рокот за завршување како многу краток. Излегов со прецизна понуда и рок од 10 дена за завршување на проектот. За околу 4 дена, понудив три речиси финални решенија, за петтиот ден на барање на Message да понудам уште еден дополнителен дизајн.
Понудените дизајни можете да ги видите на сликата подолу.
Соработката се одвиваше без проблеми, сè до моментот кога Message ги понуди дизајните на крајниот клиент. Дизајните наишле на неочекувано лош прием од клиентите.
По првиот состанок на Message со крајните клиенти, ми беше навестено дека постои можност Message да се откаже од проектот, со напомена дека, без оглед на тоа, мојот ангажман ќе биде исплатен. Исто така, бев прашан дали сум сигурен во квалитетот на понудените дизајни и дали сум ослободен од сомнежи дека, сепак можело да се понудат подобри решенија. Одговорив дека во квалитетот сум сигурен и дека стојам зад понудените дизајни. Ова беше првпат, кога помислив дека комуникацијата почнува да станува сомнителна.
По вториот состанок, стана сосема јасно дека Message се откажува од проектот (затоа што крајните клиенти имале нејасно дефинирани очекувања и им држеле лекции по дизајн), како и дека, и мојот ангажман ќе мора да запре. Со тоа, спорни станаа две работи:
- јас да бидам исплатен;
- во колкав процент проектот може да се смета за завршен, па соодветно на тоа и да бидам исплатен;
Откако во телефонски разговор објаснив, зошто сметам дека треба да бидам исплатен за сработеното (иако во нормални околности, сметам дека, од тоа нема потреба) и успеав усно да се договорам да ми бидат исплатени 50% од вкупната цена на ангажманот, наидов на обид за манипулација со бруто/нето износи. Откако тоа го расчистивме, повторно спорен стана процентот во којшто треба да бидам исплатен за ангажманот. Моите 50%, за првомајските празници се претворија во 30% и комуникацијата во целост излезе од контрола.
На крајот донесов одлука да не ја прифаќам исплатата од 30% и да го напишам овој запис. На Message им напоменав дека за случката ќе ги разбере пошироката јавност.
Останува дополнително да одлучам дали ќе преземам некакви правни активности против Message.
На крајот, поуки за самостојни дизајнери:
- не работете за маркетинг-агенции што не исплаќаат авансно во определен процент;
- не работете за маркетинг-агенции што не покажуваат разбирање за вашите потреби;
- не работете на проекти за коишто немате писмени договори; компаниите што нема да сакаат да склучат писмени договори, имаат потенцијал да станат „clients from hell“;
- не плашете се јавно да ги откриете маркетинг-агенциите што ви нанеле штета или пак постапиле непрофесионално со вас; ако треба, специјално отворете блог за тоа;
- не плашете се да одбиете соработка со сомнителни агенции, дури и во случај, очајно да ви требаат пари;
- не работете со Message.
Дискусија
me potseti na:
http://3.bp.blogspot.com/-TWWJ1FG1Qv0/TcwKdQ4Qq4I/AAAAAAAABeg/LCq3AZ8tSKM/s1600/69.jpg
Браво за постот и уа за агенцијата, која по веб страната со пиратски флеш темплејт, се гледа дека е нула.
Меѓутоа… и логоата што си ги презентирал не се добри. И мене би ме фатило паника тие дизајни да ми ги донесеш за да ги пласирам пред клиент. Но јас искрено би ти рекол ова не ги исполнува очекувањата, или работи нови верзии или откажи се. Поверојатно директ корпа би добил.
Препорака за иднина:
Не се замарај со политиката на работа на фирмите, туку научи да дизајнираш корпоративни симболи. Читни повеќе за типографија и работи ги иконите како второстепени. “Сликата кажува иљада зборови“ е народна изрека, а не вистина. Човечката когниција неспоредливо побрзо и полесно абсорбира текстуална комуникација него сликовна. Иконата е декорација, додаток… минималист би рекол сало.
Арбајтен и без многу разочарување. Не им е полесно на таксистите.