Не се согласувам со актуелното барање на македонските медиуми. Ќе речам, дека е испад, основан на незнаење и неразбирање на придобивките од новите технологии. Ќе речам дека е обид за наметнување на правила на однесување. Ќе речам и дека е во согласност со актуелниот тренд на промовирање на едноумие и бирократија во Република Македонија.
Агрегаторите на содржини директно и недвосмислено носат поголема посетеност на веб-сајтовите на опфатените медиуми, а не како што самите медиуми велат, дека е обратното.
На обичните граѓани агрегаторите им нудат можност за:
- брзо прегледување на најновите вести;
- согледување на различни пристапи кон одредена тема;
- откривање на содржини до кои инаку потешко се стигнува.
Агрегаторите на содржини се базираат на компјутерски алгоритми кои не го земаат во предвид тоа што Канал 5 е на Стојменов или пак што Сител е на Ѕинго.
Знам, проблем е што се нема контрола над агрегаторите и над нивните алгоритми. Секогаш е проблем кога се нема контрола над нешто. Секогаш во средини што се утепани од долгогодишна транзиција. Секогаш – во Македонија.
Да прашам:
- Што ако Time.mk беше на Стојменов?
- Што ако Seavus не го купеше Makfax?
- Што ако Daily.mk беше на Сител?
- Што ако некој ги собереше сите македонски медиуми на една отворена дебата и им направеше презентација на технологијата на агрегација на вести?
- Дали тогаш немаше да се проблематизира преземањето на содржини?
И конечно, дали медиумите во Македонија сакаат да имаат финансиски придобивки од агрегацијата на нивните вести, па затоа се толку бучни? Ако е така, што тогаш вртат одоколу?
Дискусија
Ова ти се вика медиумска бушава азбука… првиот потписник, ВЕСТ, пред некое време го доби статусот на претставник на проблемот за кој е објавена оваа т.н. иницијатива, во релација на http://www.it.com.mk... правеа буквален copy-paste од it.com.mk во vest.com.mk, без линкување до изворот, немајќи почит кон авторските права на кои се повикуваат.
Плус, прашање е како планираат пред судот да д(п)окажат како им “се нанесува реална штета со намалување на бројот на посети на порталите на медиумите кои ги продуцирале овие вести (информации)”!
Како и да е, главен причинител за оваа иницијатива е daily.mk со своите објави на цели текстови од пред некое време, се натезаа, затоа и каснат со објава месец дена.