Читајќи го „Претпазливо со опасни Firefox додатоци“, решив да проверам што стои во мојата листа на дополнителни компоненти во Firefox. Иако од самиот Firefox, веќе бев предупреден за опасноста на која предупредува IТ.com.mk и сомнителната компонента кај мене е веќе деактивирана, сепак листата на дополнителни компоненти ми е преполна со елементи за кои ниту сум побарал да ми бидат додадени, ниту пак ми било предочено кога биле додадени. Еве накусо што открив за елементите што ми беа сомнителни и непознати во Firefox 3.5.3 на Windows XP.
2007 Microsoft Office system – додаток на Microsoft Office 2007; овозможува преглед на Office документи директно во Firefox… што би му дошло исто како кога директно во Firefox се прегледува PDF документ.
Google Earth Plugin – додаток на Google Earth; овозможува користење на Google Earth директно во Firefox.
Google Update – додаток на Google Chrome; овозможува поедноставна инсталација на Chrome од Firefox, на тој начин што директно ги презема сите потребни датотеки пред почетокот на инсталацијата или надградбата на Chrome, без притоа да бара одобрување од корисникот.
Microsoft DRM (DRM Netscape Network Object и DRM Store Netscape Plugin) – додатоци на Windows Media Player; овозможуваат преслушување или пак купување на аудио и видео записи – заштитени со DRM; овој елемент не се однесува на репродукцијата на сите аудио и видео записи за кои се користи Windows Media Player.
Mozilla Default Plug-in – додаток на Mozilla Firefox; се користи кога на корисникот му недостасува некој од основните додатоци за Firefox и кога корисникот треба да биде предупреден на тоа.
Picasa – додаток на Google Picasa; се користи за размена на податоци помеѓу десктоп апликацијата и Picasa Web Albums преку Firefox; би требало да го доближи користењето на Picasa Web Albums со користењето на десктоп апликацијата.
Windows Media Player Plug-in Dynamic Link Library – додаток на Windows Media Player; се користи за прикажување на вгнездени (embedded) Windows Media содржини, и за аудио и за видео записи; доколку е оневозможен, на местото кадешто треба да биде прикажана вгнездената содржина ќе биде прикажано следново предупредување: „The plugin for this content has been disabled. Click here to manage your plugins.“.
Windows Presentation Foundation – додаток на Microsoft WPF; Mozilla и Microsoft препорачуваат да биде оневозможен, поради тоа што го загрозува користењето на Firefox; од неодамна се наоѓа на листата на блокирани додатоци за Firefox, на што Firefox од верзијата 3.5.3 предупредува автоматски; ако сакате, можете и да го избришете.
Останатите додатоци припаѓаат на листата на основни додатоци за Firefox, па доколку ве интересира, повеќе прочитајте на страницата на Mozilla.
Се надевам дека овие информации ќе ви бидат од помош.
Патем, IT.com.mk треба под итно да поработат на оптимизацијата на сопствениот веб сајт. Ми се закочи Firefox…