Како еднаш не ви стане јасно дека опстанувањето на власт не мора да биде невозможна мисија? Тоа не мора да биде проследено со комплицирани тактики на кажување на лаги и манипулирање со јавното мислење. Опстанувањето на власт не мора да биде скандалозно и присилно.
Едноставно е! Вие си ја работите својата работа чесно и одговорно, и без да се давите во сопствениот егоизам. Ние, граѓаните, гледаме дека сте вредни, чесни и одговорни и повторно ви ја даваме довербата. И да погрешите, доволно е само, искрено да ни се извините и ние брзо и лесно ќе ви простиме.
Зошто избирате себе-измачување, кога можете да уживате во вниманието од јавноста и во предностите што произлегуваат од имањето на централна општествена улога?
Јасно е дека вашата улога не е воопшто едноставна, но вие самите избирате да ја одиграте. А, доколку одеднаш се фатите дека сте несигурни и дека не знаете што правите, не импровизирајте! Доволно е повторно да бидете искрени и да покажете дека и вие сте само луѓе. Како резултат на тоа, повторно ги добивате симпатиите на граѓаните и си го продолжувате „векот на траење“.
Вашата професија нуди прекрасни придобивки, што морате да научите да ги користите. Не! Тоа не се финансиски, ниту пак материјални придобивки. Тоа се навидум, многу помали нешта, но од неверојатно големо значење:
- да бидете сакани и почитувани;
- да се грижите за иднината на идните генерации;
- да учите и подучувате;
- да предизвикувате позитивни промени;
- да овозможите некој да стане подобар од вас и тоа да го покаже.
Дискусија
ова како четиво за политичарите со осмо..ама суптилно и тешко да се разбере и од академци..
Мислиш дека они не знаат?
Мислиш дека не сакаат?
Големиот брат не им дозволува :)