Кратко и јасно: затоа што пристапот на решавање на „проблемот“ со неквалитетното образование е погрешен. Прашање е дали навистина има проблем со квалитетот на образованието во Македонија.
Ако образованието е неквалитетно, за тоа најмалку се виновни студентите. Студентите го учат тоа што им е предадено и разликата секако е во начинот на кој што знаењето се сервира. Значи, еден дел од проблемот лежи во наставниот кадар. Каде е другиот дел од проблемот? Во системот. Државата е неспособна да се справи со, како што вели, „купените дипломи“ и по законски пат да ги санкионира институциите што ги продавале, па решава да оди по линијата на помалиот отпор. Полесно е да се натераат студентите да поминат низ уште една проверка на знаење, отколку да се спровед(ува)ат редовни контроли во приватните универзитети – државата нема капацитет за такви контроли и (според мене) не сака ни да има, бидејќи тоа ќе биде преголем залак за бавните институции.
Секако, да не заборавиме дека пред само неколку години, приватните универзитети беа величани и најавувани како машини за високо-очубен стручен кадар, директно од државни функционери, што (според мене) не треба да е случај.
Потенцирам, државата не би смеела да се грижи за тоа каков е квалитетот на образованието, туку тоа треба да биде оставено на телата на државниот универзитет. Ако е поставен како независна институција, нема потреба било кој лидер или министер да поентира кон било каква реформа, а не па да ја наметнува. Најмногу што би требало да може да направи еден министер за образование е да организира јавна дебата за да го испита мислењето на студентите и професорите за одредена предлог-мерка, секако ПРЕД да се излага со било какви официјални правила и прирачници. Но, наједноставното решение е, се разбира, ниеден авторитет да не се наметнува над државниот универзитет и да го остави да биде независен.
Не знам како државата успеа да го оцени образованието во Македонија како неквалитетно без ниедна посериозна јавна анкета. И пак ќе речам, проблем е што државата си зема за право да го прави тоа. Единствено студентите се тие што можат да оценат какво е образованието, бидејќи тие се корисниците на оваа – ќе ја наречам – државна услуга. И редно е да бидат прашани.
Но, студентите ги поедноставуваат работите. Не чекаат да бидат прашани, туку деновиве самите (по)кажуваат дека државното образование е сѐ уште на многу високо ниво и дека нема потреба од наметната контрола и несоодветни реформи. Како инаку да си објасниме од каде излегоа овие образовани, современи и свесни млади луѓе?