Заврши Lost. Задоволен сум од тоа што имав прилика да го видам во последната епизода, зашто очекував полош крај. Иако во последните две сезони имаше исклучително слаби епизоди што едвај поминуваа, како целина, Lost за мене е успешен проект.

Доколку не сте ја гледале последната епизода од Lost, не читајте понатаму бидејќи има спојлери.

Последната епизода од Lost во голема мера ми се допадна, но не ми се допадна тоа што е ставен преголемиот акцент на мистицизмот. Истото, не ми се допаѓаше и кај Battlestar Gallactica. Нешто цркви, крстови, икони, света вода, света светлина, богови… Но, кај Lost полесно ми е да го прифатам тоа што го видов, бидејќи ја имам следнава теорија.

Островот е границата, или привремената зона во која престојуваат изгубените души пред да си го најдат сопственото место во животот по смртта. Бидејќи е премногу обемно да се претстави лутањето на секоја од засегнатите души поединечно (мислам на сите поважни ликови во Lost), земена е една централна изгубена душа (Jack) и претставен е нејзиниот престој во привремената зона. На тој начин се допира и во животите на останатите души – преку интеракцијата што тие ја остваруваат со Jack. Бидејќи душите се изгубени, поминуваат низ добро и низ лошо, сè додека не го најдат вистинскиот пат до конечното ослободување, до нирваната.

Со мисливе одам дотаму, што ми се чини дека целокупното дејство во серијата е производ на мозокот на Jack, како изговор за празниот живот што го има оставено зад себе. Бидејќи Jack на крајот на последната епизода се враќа на истото место, во истата поза каде што за прв пат се наоѓа на островот, некако логично ми е, ништо, од тоа што сме го гледале низ епизодите, навистина да не се случило, туку мозокот на Jack сè сам да има произведено во краткитe мигови, пред конечно да се предаде и целосно да „згасне“.

Ликови во измислената драма се сите патници на летот 815 со кои Jack на било каков начин остварува (дури и минимална) интеракција. Во драмата се присутни и неколку други клучни ликови во животот на Jack, како на пример, неговиот татко. Се разбира, таму се и сите ликови што на некаков начин се поврзани со животите на останатите изгубени души. Без нив ми е некако тешко изводливо да се претстават комплицираните врски низ епизодите…

Реакциите на гледачите на Lost, после финалето, се различни и одат во секакви крајности. Сепак, важно е што серијата и понатаму отвора дискусии и ги тера луѓето да бараат одговори.

Што мислите вие? Како всушност заврши Lost?