Сè уште не сум запознал човек што ќе го скрши митот дека Никола Груевски е херој.

Што не значи дека таков човек нема. Сепак, јасно ми е дека таков човек во блискава иднина нема да се појави во јавноста. Не зашто нема да биде храбар, туку зашто ќе нема кому да се обрати. Во нашава земја се случува масовно перење на мозоци. Постои општ впечаток дека нешто позитивно се случува, иако сите фактори укажуваат на спротивното. Постои впечаток дека животот на земјоделците се подобрил. Постои впечаток дека платите пораснале. Постои впечаток дека се бележи економски раст. Но постои и впечаток дека граѓаните престанале да ги користат сопствените мозоци и се препуштиле на милоста на Херојот на Македонците.

Ако малку подлабоко се навлезе во проблемот, лесно се доаѓа до заклучокот дека ние повторно растеме едно мало дете на кое му дале да си игра политичар. Всушност, голем дел од симптомите што Никола Груевски ги покажува се идентични на тие на Бранко Црвенковски во неговите луди години.

Сепак целта не ми е да ги анализирам нив. Си ја бркаат тие својата „работа“. Прашањето ми е, што прават другите луѓе во оваа држава? Дали читаат книги? Дали гледаат филмови? Дали работат на сопствената едукација? Дали имаат претстава како е да се помине Нова година без петарди? Дали се свесни дека пукањето на петарди на Нова година е идентично со пукањето со пиштоли на свадба? Дали знаат дека постојано ги прават истите грешки и дека во изминативе без малку дваесеттина години не научиле ама баш ништо ново за себе? Дали мислат дека е можно повторно да погрешиле? Дали имаат желба да се променат? Дали знаат што треба промената да значи? Дали веруваат во подобар живот преку ноќ? Дали знаат што да прават со парите? Дали се свесни дека работа за 15,000 денари не е вредна ако не предизвикува среќа? Дали знаат дека животот не се состои во трпење на притисок, па предизвикување на притисок каде што има простор за тоа? Дали се свесни дека Господ нема да ги казни ако не им се допаѓала музиката на Тоше? Дали знаат зошто оставаат потомство? Дали знаат дека тоа по автоматизам не значи дека ги поседуваат телата и животите на тие деца? Дали сакаат едноумие? Дали знаат што тоа значи? Дали помислиле од каде им се мотивите на луѓето да зборуваат лошо за Никола Груевски? Дали навистина почувствувале подобрувања во здравјето откако однеле 2 килограми зејтин во најблиската црква? Дали знаат зошто одат во црква? Дали се свесни дека неуспехот на домашните политичари не е ништо повеќе од неуспех на самиот народ? Дали знаат дека тие ги избираат политичарите? Дали знаат дека секоја грешка што политичарите би ја направиле е грешка на самиот народ? Дали го оправдуваат тоа што средношколците бегаат од часови? Дали се виделе со своите деца? Дали знаат зошто купиле компјутер? Дали знаат зошто им треба Интернет? Дали сè уште гледаат „Вртелешка“? Дали помислиле на тоа дека гледањето телевизија е гледање на тоа што друг за нив избира? Дали можеби се запрашале каков човек е тој што го прави изборот на ТВ програма? Дали тој човек воопшто е способен за тоа што го прави или и тој работи за 15,000 денари па не му е многу гајле? Дали граѓаните се свесни дека живеат на планета што е составен дел на нешто многу, многу поголемо? Дали граѓаните сакаат да бидат дел од масата или подобро се чувствуваат како единки? Дали знаат што значи да се биде единка? Дали се горди на некои свои особини или лесно потпаѓаат под влијанијата на околината и уште полесно се променуваат? Дали знаат за што ги бива? Дали можеби имаат идеја што би правеле во остатокот од животот? Дали имаат храброст да се спротивстават? Дали им текнува кога последен пат биле на туристичко патување? Дали таквите патувања ги сметаат за луксуз или за нешто што нормално му следува на секој човек што сака да истражува? Дали одат во Грција? Дали би се тепале ако некој ги нарече Фиромјани? Дали им се ситат на Грците за немирите и земјотресите што им се случуваат? Дали се свесни дека младите генерации во светот се отидени светлосни години пред нашиве? Дали се мрзеливи? Дали се љубоморни? Дали им е полесно кога на соседот ќе му ја ограбат куќата? Дали се свесни дека спикерите на вести не треба да прават грешки на секој збор? Дали се плашат од тишината? Дали им е поедноставно да редат неврзани зборови едноподруго или да молчат? Дали умеат да носат одговорност? Дали му веруваат на Љубе Бошковски? Дали го сметаат за образован и способен човек? Дали веруваат дека во политиката има пари? Затоа ли гледаат вести по 3-5 пати на ден? Дали веруваат дека има еден единствен човек на светов што е најпаметен? …

Кому точно му се насочени овие прашања? Секому. Иако до секого нема да стигнат.