Баш периодов нешто преземав преку торенти и кај најголем дел од архивираните датотеки, го сретнав типот ‘daa’. ‘Daa’ е всушност ист датотечен формат како и ‘iso’, само што е од целосно затворен тип и никој не може да го имплементира во своите апликации затоа што неговите креатори решиле дека не го даваат. Ова лаички кажано нели… Вистинката причина е заработувачката… PowerISO е единствената апликација со која може да се прави конверзија од ‘daa’ во ‘iso’ формат и таа чини околу 30$ по лиценца, нормално тоа важи за Windows. PowerISO за ГНУ/Линукс е бесплатна апликација. Не е со отворен код, но доаѓа како извршна датотека, преку која можете да ги обавите сите основни процедури, за кои е наменета апликацијата. Ако сметате дека ви е полесно да барате кракови и да ја користите верзијата за Windows, тогаш не читајте во продолжение.

За оние останатите кои веруваат дека животот треба да им биде поедноставен, еве како со PowerISO под GNU/Linux да направите конверзија на ‘daa’ датотека во ‘iso’.

Преземете ја извршната датотека од овде. Отпакувајте ја некаде… на пример, во /home/име_на_корисник/. Појдете во папката преку конзола и внесете ја следнава команда без да се најавувате како администратор (значи без sudo/su):

./poweriso convert име_на_датотека.daa –о име_на_нова_датотека.iso –ot iso

Притоа се подразбира дека пред името на датотеката морате да ја наведете локацијата каде што истата се наоѓа и повторно локацијата каде што планирате да го зачувате iso-то. Доколку имате некое комплицирано име на папка/датотека со празни места, користете апострофи: ‘Ова е папката/датотеката’.

Доколку сакате да ги дознаете сите можни команди на PowerISO под ГНУ/Линукс прочитајте за нив во документацијата, преку командата:

./poweriso -?

Не ми е јасно зошто некој го користи daa датотечниот формат, а не iso? Уште помалку разбирам кој би дал 30$ за ужасен софтвер за Windows, како што е PowerISO. Сепак благодарност до производителите што не заборавиле на луѓето што сакаат да имаат избор.