Денес сите имаат некаков изговор да не потрошат пари и да го одложат купувањето на што и да било. Сите штедат затоа што има економска криза.

Штедењето ја отежнува продажбата и делува немотивирачки на трговците. Но, доколку мислите се насочат во позитивен правец, оваа криза може да се искористи за стекнување на цврсти врски со нови лојални купувачи и драстично зголемување на заработувачката.

Еве од каде, според мене, може да се започне со промените.

1. Набавете хартиени кеси во маркетите

Не е во ред да ги оставите купувачите, купените производи да ги носат в раце или пак да чекате тие самите да си побараат најлонски кеси, што потоа ќе им ги наплатите. Не е во ред, затоа што со тоа покажувате дека не ви е грижа за ништо друго освен за вашата заработувачка. Бидејќи вашата заработувачка директно зависи од бројот на купувачите, не дозволувајте свесно да ги изгубите.

Тоа што владата на Република Македонија носи непромислени одлуки и недопрецизирани правила на однесување, не треба да биде пречка вие да се претставите како неподготвени пред купувачите.

Направете математика и завршете со поплаките! Пресметајте колкав дел од заработувачката ќе треба да издвоите за хартиени кеси и прифатете го тоа како обврска. Доколу сакате, на хартиените кеси можете да го испечатите и логото на вашата компанија. Иако тоа ќе ве чини повеќе, сепак ќе биде уште еден позитивен начин за промоција на вашата компанија.

Еден добар гест од овој вид, може значително да го зголеми бројот на вашите купувачи. Денес сите имаат замерки за сенешто. Вие можете да се одвоите од толпата и да ги направите купувачите позадоволни од вашите услуги. Набавете хартиени кеси во вашите маркети и нудете им ги бесплатно на купувачите. Ако сте дојдени во состојба да заработувате од продажба на најлонски кеси, тогаш тешко вас.

2. Не барајте ситни денарчиња од кусурот

Доколку купувачот во моментот на плаќање нема да ви даде железни 1, 2 или 5 денари, не му создавајте дополнителни грижи. Едноставно покажете гест на добра волја и простете му ја ситната сума од вкупната вредност. Со тоа ќе покажете дека имате смисла за трговија, дека ја цените довербата на купувачите и дека купувачите, за вас, секогаш имаат предност пред вашите потреби.

Можете ли само да замислите колку позитивна реклама за вас ќе направи задоволниот купувач, кога на сопствените пријатели ќе им раскаже за ова несекојдневно искуство?

3. Бидете љубезни кон купувачите

Никој не сака да трпи последици од вашите фрустрации. Тоа што сте имале непријатен телефонски разговор со некој клиент, не значи дека во следната дискусија треба да ја пренесете нервозата од телефонскиот разговор. Ниеден купувач на светот, не сака намуртени лица, нервозни гестови, нетрпеливост и нељубезност.

Бидете ведри, насмеани и ненаметливи. Но, кажете ги своите сугестии. Прашајте ги купувачите што сакаат, што не сакаат, што им се допаѓа, што им пречи.

Едноставно бидете човечни и верувајте дека тоа ќе има позитивни ефекти на вашата заработувачка.

4. Намалете ги цените на производите

Сите сакаат попусти. Доколку сметате дека има простор за намалување на цените на одредени производи, намалете ги цените. Ако успеете по пониска цена да продадете многу повеќе производи, тогаш ќе остварите поголема заработувачка отколку ако продадете малку производи по повисока цена. Проценката е сепак ваша. Но, секогаш кога имате можност, треба да објавите попусти и да дозволите купувачите да дознаат за нив.

Направете убаво дизајнирани рекламни постери со коишто ќе им го привлечете вниманието на купувачите и ќе ги примамите во вашите продавници. Направете телевизиски реклами. Објавете информации за вашите попусти на Интернет. Ангажирајте професионалци што ќе ви помогнат во тоа.

5. Дозволете враќање на продадените производи

Неретко по продавниците низ нашата држава, можете да забележите бели листови со рачно напишани или пак испечатени пораки од типот: „Купената роба не се враќа!“, „Не ги заменуваме продадените производи!“ или „Не враќаме пари за вратените артикли.“ итн. Проблемот со овие изјави е што недвосмислено покажуваат дека вие како трговци не знаете каков е квалитетот на производите што ги продавате. Ако продавате производи со врвен квалитет, зарем мислите дека некој купувач ќе побара да му ги вратите парите?

Еве уште еден начин да се издвоите од толпата. Поставете услови под кои би ги обесштетиле незадоволните купувачи и јасно дадете им на знаење дека вам не ви е важно само да ги продадете производите, туку дека ви е важно и купувачите да бидат задоволни.

Кога на купувачите ќе им кажете дека, во случај да имаат било каков проблем со производот што го купуваат, можат да сметаат на вашата поддршка, бидете сигурни дека тие ќе ви бидат лојални сè додека не ги разочарате. Доколку работите промислено, никогаш нема да дозволите да се случи тоа.

Ве повикувам на активна дискусија на оваа тема, зашто сум сигурен дека има уште многу што би можело да се додаде.

Искрено се надевам дека моите сугестии ќе стигнат до голем дел од трговците во нашата држава и дека ќе им бидат од корист.

Во иднина, на мојот блог, ќе биде објавен уште еден запис на слична тема како оваа и повторно ќе се однесува на подрачјето на Република Македонија.