Колку повеќе се зголемува бројот на возилата во Скопје, толку потешко станува движењето низ градот со автомобил. За да бидат работите уште понеподносливи, огромен дел од возачите и самите ги отежнуваат околностите во кои се одвива сообраќајот, непочитувајќи ги сообраќајните правила, на коишто инаку се согласиле во моментот кога ја земале својата возачка дозвола.
Еве кои се, според мене, најчестите начини на коишто се создава гужва во сообраќајот низ Скопје.
Јавен превоз
Колку што знам, возилата од јавниот превоз (како и возилата на прва помош, возилата на полиција, возилата на противпожарната служба) спаѓаат во посебна категорија на привилегирани возила, на коишто би требало да им се даде предност во движењето. Но, тоа во Скопје не се случува. Ретко кој ги „рецка“ автобусите на ЈСП, како и оние приватните. Ретко кој запира, за да им овозможи да се приклучат во сообраќајот, после нивното застанување.
Кога би биле малку повнимателни кон овие возила, многу би го подобриле текот на сообраќајот и би ги скратиле паузите, со кои тој се одвива.
Несовесно управување со возилото без користење на трепкачи
Трепкачите служат за, на останатите учесници од сообраќајот, да им навестите во која насока планирате да продолжите да се движите, за тие пак соодветно да го прилагодат нивното движење. Кога се движите во пресрет на споредна уличка, кон која планирате да завртите, „дајте жмигавец“, за другите да знаат што имате намера да направите следно. Вашето движење е јавно и нема зошто да не најавите дека планирате да се исклучите од главна улица и да продолжите да се движите по споредна. Плус, со давањето „жмигавец“, помагате околното движење да се адаптира на вас со време, а не во последниот момент.
Давањето „жмигавец“ сфатете го како кажување „благодарам“, „здраво“, „чао“… толку е неопходно!
Давајте „жмигавец“ кога претекнувате, кога преминувате од една сообраќајна лента во друга, кога застанувате… давајте „жмигавец“ секој пат кога, тоа го налагаат сообраќајните правила.
Претекнување од десно
Ова, мислам дека е најчестата причина за малите сообраќајни незгоди низ Скопје. Не знам кој го измисли, ама ова „правило“ е погрешно. Возилата се претекнуваат или ако сакате „претицаат“ од нивната лева страна.
Неприфатливо е да го заобиколите движењето на автомобилот до вас, од десно. Зошто? Зашто тоа е во спротивност со нашите сообраќајни правила, а меѓу другото, делува вознемирувачки за возачот во автомобилот до вас. Доколку вашето движење е доволно „возбудливо“, може соседниот возач да го натера на изненадни, несоодветни движења, што пак може да бидат предизвикувачи на сообраќајни незгоди.
Аман, „претицајте“ од лево!
Пешаци, насекаде!
Пешаците би требало да ги преминуваат сообраќајниците на специјално означени зони, а не каде што ќе им текне. Зоните се измислени за да се зголеми безбедноста при движењето на пешаците на фреквентните места. Возачите знаат дека треба да внимаваат кога ќе се доближат до означените зони за пешаци, а пешаците знаат дека слободно можат да ја преминат сообраќајницата на тие зони.
Нема „ми се брза“, нема „немам време“, нема „ме мрзи“!
Ако сакате да видите како изгледа кога ова правило не се почитува, застанете 5 минути на Бит пазар и сè ќе ви стане јасно. Луѓе, како спобудалени трчаат на сите страни. Прескокнуваат тревници, разговараат на сред сообраќајница, се спремаат да скокнат од страничните садници, маневрираат со велосипеди… лудило!
Непочитување на сообраќајните знаци и правила
Ова е само надоврзување на проблемот со трепкачите.
Ако сакаш да учествуваш во сообраќај, мора да ги знаеш правилата на игра. За да играш „кантер“, мора да ги знаеш соодветните контроли… која кога треба да ја активираш… Епа, така е и во сообраќајот.
- Ја прилагодуваш брзината на соодветните сообраќајни знаци за ограничување на брзината на движење.
- Не запираш на места на коишто е забрането запирањето.
- Не паркираш на места на коишто е забрането паркирањето.
- Не вртиш полукружно на двојна полна линија, зашто тоа би му дошло исто како да вртиш полукружно низ ѕид.
- Не „претицаш“ каде што „претицањето“ не е дозволено.
- Не возиш лудачки, по сообраќајница на која често има пешачки зони.
Веспи, чопери и останати „фраери“
Не се глупирајте и „берете умот“! И за оваа категорија на возила има сообраќајни правила. Научете ги!
Општа нетрпеливост и нервоза
Ова веројатно се должи на сè што наведов претходно.
Знам дека најчесто е полесно да опцуеш некој на сообраќајница, отколку да му се спротивставиш на шефот, ама дајте луѓе олабавете се! Никој не ви е крив што сте се успале утрово, па ви се брза, ви се ита! Никој не е виновен што не смета дека треба да тргне за време на жолтото светло на семафорот, зашто, ако не сте знаеле, се тргнува на зелено… Никој не сака да ги „крка“ вашите „бедови“.
На сообраќајница сме, за да се возиме и за да ја славиме „играта“ – сообраќај – што самите сме ја измислиле. Па, ајде да си играме.