Не знам дали постои некоја друга земја на светов, освен Република Македонија, кадешто проблеми се решаваат со казни за оние што не ги предизвикале. Се надевам дека оваа налудничава идеја за рестрикции во водоснабдувањето низ Скопје, ќе згасне исто толку брзо колку што успеа да ме вознемири.
Не ми е јасно, како е изведен заклучокот дека има потреба од рестрикции, кога ЈП Водовод и канализација нема апсолутно никаква контрола над својата водоводна мрежа! Како тоа одеднаш некој се сети дека е време во Скопје да не се потиме после полноќ и да не се валкаме наутро, ако ме разбирате што сакам да кажам?!
Јас досега неколку пати се имам јавувано во ЈП Водовод и канализација и неколку пати ми имаат напоменато дека „на проблемот се работи“. Сега барем разбирам дека изјавата „на проблемот се работи“, во никој случај не е дадена од забуна или заради грешка. Денес го имаме гадното интро за проблемот, на кој, господата Ицко Стојановски, Сефер Саити, и Христо Аиновски толку напорно работеле. Секоја чест!
Еве неколку бесплатни идеи, на коишто можевте да се сетите пред да го допрете дното:
- обновување на инфраструктурата на водоводната мрежа низ Скопје
- балансирање на притисокот на водниот тек низ целото градско подрачје
- имплементирање на одржлив систем за контрола на нелегалните приклучувања на водоводниот систем
- КОНТИНУИРАНО ОДРЖУВАЊЕ на водоводната мрежа низ Скопје
- барање на експертско мислење за надминување на постоечките проблеми
- анкетирање на потрошувачите (граѓаните) за нивното мислење во врска со можните рестрикции
Има една работа на која КПУ Водовод и канализација заборава, а тоа е дека со рестрикциите на водоснабдувањето низ Скопје, ќе следуваат и рестрикции на приливот на финансиски средства во претпријатието. Ако луѓето не трошат вода по полноќ и заклучно со 6 часот наутро, претпријатието ќе трпи финансики загуби и уште помалку ќе биде во можност да одговори на постоечките предизвици.
Наместо да оствари дополнителен профит во ноќта, ЈП Водовод и канализација самоволно ќе се откаже од профитот во име на што..?! Во име на доброто на граѓаните?! Не! Во име на доброто на претпријатието?! Не! Во име на што?!! Или, можеби од мрза?
И, така, додека го привршував овој запис, Кајгана објави вест дека сепак рестрикции нема да има. Се надевам дека е точна.
Дискусија
Се знае зошто, тендер за регулатори треба да се лапне :)
Како одат тие работи кај нас, тој што знае – знае..