Подолго време се подготвувам да напишам нешто за логото на Стопанска Банка. Прво затоа што ми се допаѓа и второ затоа што сметам дека е навистина креативно.

Но, да бидам попрецизен… Тоа што всушност ми се допаѓа е симболот што е создаден за ова лого и начинот на којшто е дојдено до него.

На сликата подолу е претставен оригиналниот симбол од логото на Стопанска Банка.

Симбол од лого на Стопанска Банка

Со внимателно набљудивање, лесно може да се заклучи дека во симболот на логото се содржани буквите „С“ и „Б“, односно попрецизно, во буквата „С“ е вметната буквата „Б“ и потоа групата од двете букви е свртена за 45 степени во спротивна насока од движењето на стрелките на часовникот. Погледнете ја сликата подолу и за кратко време ќе сфатите за што пишувам.

Составување на симбол за лого на Стопанска Банка

Дополнително, за да се прикрие очигледноста на направеното, а и за да се добие поедноставен облик, групата од буквите „С“ и „Б“ е пресечена на врвот и во подножјето и така се доаѓа до финалниот изглед.

Освен претходно наведеново, не можам да откријам некои други скриени, условно речено, пораки.

Немам информации чие дело е ова лого, па ако некој од вас знае, слободно нека наведе, оставајќи коментар.