Каков треба да биде граѓанскиот активизам, за власта (ВМРО-ДПМНЕ) да го види како непартиски? И како тоа партијата над партиите, умее да разликува непартиски од партиски активизам, кога и таа самата во изминативе години, додека ја носи земјата во сè поголема неизвесност, нема направено ниту еден непартиски потег и нема донесено ниту една безусловно корисна одлука, со којашто можат да се гордеат сите луѓе во Република Македонија?

Површен е одговорот на Министерството за внатрешни работи (МВР), на барањето на група граѓани, за преземање на дополнителни активности во врска со убиството на Мартин Нешковски. Со него дополнително се открива намерата на МВР, да се заштити и да не дозволи да дојде до целосно расветлување на убиството на Мартин.

  1. Како тоа „од страна на Министерството целосно се почитуваат човековите права и слободи“, кога припадник на Министерството за внатрешни работи уби невин човек?
  2. Одговорноста за убиството не е целосно лоцирана, зашто има сведоци што тврдат дека постојат неколку лица, што учествувале во преместувањето на телото на убиениот, непосредно по убиството.
  3. Види точка бр.2.
  4. За судот да може да одлучува потребно е да се обезбедат сите докази, што МВР сè уште го нема направено, затоа што: види точка бр.2.
  5. Кривична пријава беше поднесена само против едно лице, иако: види точка бр.2.
  6. Се бара укинување на внатрешната контрола во МВР и заменување на истата со независно граѓанско тело. Треба уште да поедноставиме? Се бара граѓаните да имаат контрола над работата на МВР.
  7. Дали во МВР постои само еден единствен филтер за неговите вработени? Дали ако некој вработен е примен на работа во МВР пред 10 години, тој нема ниеднаш да помине низ интерни контролни механизми, сè додека не направи мегаиспад, како на пример убиство? Дали МВР има механизам да ги спречи овие испади? Штом се случуваат, очигледно нема. Затоа и се потребни реформи.
  8. Од кога власта ги зема експертските мислења предвид? Нели работа на експерите беше, тие само да предупредуваат, да паничат, а власта да ги негира?! За секој проблем, секогаш постои повеќе од едно решение.
  9. Министерството за внатрешни работи треба да се прилагоди на потребите на граѓаните, а не обратно. Плус, во Собранието на Република Македонија, нема граѓани и треба да се направи дополнителен ангажман за да им се овозможи пристап до бараните информации. Значи и во овој дел, има уште многу да се работи.
  10. МВР може да започне официјална комуникација со Министерството за правда уште утре. Сепак и тоа, само по себе нема да се случи.
  11. Нема никакво прејудицирање вина. Вработен во Министерството за внатрешни работи, уби човек. Зошто Министерот за внатрешни работи дозволил во својот ресор да има човек што е спремен да убие? Нели е тој, во целост одговорен за својот ресор? Кога во некое училиште ќе се случи насилство, моралната одговорност ја презема директорот на училиштето. Истото е и во случајот со МВР.