Немаме вода во Радишани. Во 21 часот и некоја минута, се јавувам на 3073010, на дежурниот инфо центар на ЈП Водовод и канализација, да го пријавам проблемот (очекувајќи дека е веќе пријавен) и да се информирам.

vodovod-prijavi-defekt

Оператор Миле: Да…

Јас: Добровечер, Водовод и канализација?

Оператор Миле: Да…

Јас: Со кого разговарам?

Оператор Миле: А, кој ви треба?

Јас: Па ми треба некое лице што е задолжено да одговара на повиците на дежурниот инфо центар. Дали можете да ми се претставите?

Оператор Миле: Па, видете… не се претставуваме, зашто го злоупотребуваат тоа…

Јас: Па, добро како тогаш би знаел јас со кого разговарам? Прашувам од причина што сакам да знам со кого разговарам.

Оператор Миле: Знам, но знаете, го злоупотребуваат тоа. Ќе се јави некој, ќе праша со кого разговара и после викаат „тој ми кажа така“, „тој ми рече вака“… Еве ќе ви кажам, Миле е на телефон.

Не успеав детално да го запомнам останатиот дел од разговорот, па ќе си земам слобода да го прераскажам. Исто така, не се обидов да го дознаам презимето на г-динот, од проста причина што мислев дека ќе биде погубно за нашиот разговор.

Откако ни забегува натегањето околу тоа дали, Миле треба да се претстави или не и како е тоа одраз на лична култура, а не на политика на фирмата, Миле ме прашува за што се јавувам, претходно, потенцирајќи дека друг пат ќе ми објасни зошто го злоупотребувале кажувањето на имињата на операторите.

Вели, „…но, кажете што ви треба?“. Му објаснувам дека се јавувам од Радишани и дека неколку часа немаме вода. Ми кажува дека знаат за тоа и дека се јавиле и други луѓе, но дека проблемот не е кај нив. Имало диви фирми, што копале каде стигнеле и така и денес некој копал и не докопал како што треба, па ние сме останале без вода на нашата улица. Јас потенцирам дека нема вода во поголем дел од населбата и дека не станува збор за само една улица, по што тој ми кажува дека имале пријава од ул. Симче Настевски. Откако му објаснувам дека јас живеам на сосема друга улица, му станува јасно дека дефектот е од поголем размер и ми кажува дека имало екипа што работела во Шутка, која штом ќе завршела, ќе се префрлела во Радишани, за околу 20-30 минути.

Потоа комуникацијата пак запнува… инсистирам да дознаам кога ќе добиеме вода, а Миле инсистира на тоа дека за 20-30 минути екипата ќе се префрли од Шутка, попатно повторно нафрлајќи дека проблемот не е до нив. Невнимателно, некако заклучувам дека за 20-30 ќе добиеме вода и се заблагодарувам на повикот. За среќа, Миле, ме отрезнува велејќи, „а, сега сакате да ви кажам зошто го злоупотребуваат…“. Велам, сакам.

Потоа, Миле почнува да го повторува истото од пред малку. Дека се јавува кој стигне, прашува име и потоа тоа го злоупотребува – со други зборови го кодоши вработениот. Повторно вели дека кој стигне, копа каде стигне и дека тие не се полиција, на што јас одговарам дека сепак имаат или можат да имаат соработка со полицијата за овој проблем.

Потоа, јас објаснувам дека, кога човек се јавува во ЕВН Македонија, на пример, го пречекува оператор со име и презиме и дека тоа не би требало воопшто да биде проблем и за Водовод и канализација. Но, Миле инсистира дека тоа е политика на фирмата и пак некако се навраќа на муабетот дека проблемот не е до нив, сега веќе, навидум полн со разбирање за мојот пристап, да не речам охрабрен.

Видно револтиран, почнувам да објаснувам дека штом имаме проблем во водоснабдувањето, а тоа оди преку Водовод и канализација, тогаш проблемот е дефинитивно до нив и дека не е во ред што се префрла одговорноста на некој друг. Запнувам, да дознаам, кога би можеле да очекуваме да добиеме вода, но Миле упорно се врти околу „20-30 минути од Шутка“, за на крај, меѓу другото да ми каже „добро, што сакате да ви кажам, дека вечерва ќе добиете вода?“. На тоа, јас одговарам, „Добро, значи не сте информиран.“ На што тој, мошне внимателно одговара дека се очекува екипата да пристигне од Шутка и да види каде е проблемот.

Се заблагодарувам и го прекинувам разговорот.

А сега, неколку прашања поврзани со оваа авантура…

  1. Што има вработениот да внимава и да се плаши да го каже своето име и презиме, да не речам да се претстави, ако достојно, чесно и професионално си ја извршува својата работа?
  2. Зошто операторот Миле беше преплашен да го каже своето име?
  3. Како е можно, ЈП Водовод и канализација да покажува минимален интерес за сопствената водоводна мрежа?
  4. Како е можно да копа, кој каде стигне? Нели, треба, некаква дозвола за некој да се приклучи на водоводната мрежа на Водовод и канализација? Нели, едно време им ја исклучуваа водата во Сарај на дивите потрошувачи? Нели, постои можност „дивтарите“ да се гонат прекршочно или кривично?
  5. Кој и како ќе ја надомести штетата што ќе ја претрпи населението од Радишани и што можеби утре ќе треба да оди неискапено на работа? Па недела е поѓаволите! :)

#trolololo