Да не остане некажано… „Скопје Дише“ нема повеќе да биде финансиран од градските власти.

Многу сум револтиран што ниеден / ниедна од тие неранимајковци / неранимајковки што се клацкаат во советничките фотељи, не се потресе што веќе со месеци не може да се види нивото на загадување на главниот град – претходно видливо преку индикаторите и веб-страницата на проектот „Скопје дише“. Очигледно забораваат дека сите дишеме од истиот гнасен воздух.

Од еколошката лабораторија на фирмата Фармахем која една година го одржуваше системот ни потврдија дека се работи за нешто повеќе од само надградба на софтверот, како што сега стои на страницата. Имале едногодишен договор за одржување на системот , но тој истекол, а досега од Градот Скопје нема иницијатива да се продолжи. Од Фармахем велат дека сакале да го надградат системот и со архива од податоците од мерењата, но дека за судбината на оваа транспарентна интернет алатка со која се служеа голем број граѓани треба да се обратиме во Градот.

Од Градот пак делуваат целосно незаинтересирано за продолжување на објавувањето на податоците за квалитетот на воздухот на интернет. Портпаролот Неделчо Крстевски вели дека поставувањето на сајтот уште од почетокот било иницијатива и добра волја на фирмата.

„Сајтот не беше наш. Во моментов не можеме да кажеме дали зависи од нас или од Фармахем. За нас е важно да работат мерните станици и граѓаните да можат да ги добиваат информациите за квалитетот на возухот од дисплеите на уредите“ вели Крстевски.

Од Градот признаваат дека за евентуално продолжување на работењето на „Скопје дише“ тие треба да ја почнат постапката која како што велат, била комплицирана бидејќи вклучувала распишување на тендер. Дали пак тоа ќе се случи, ниту тие самите не знаат.

„Не можам ништо да ви кажам сега, ниту дали ќе го има , ниту дали ќе го нема сајтот“ вели Крстевски.

За мене е важно да остане запомнето дека во февруари 2012 година, градските власти, на чело со „г-динот“ Коце Трајановски, не покажаа заинтересираност да го согледаат и да го решат проблемот со загадувањето на Скопје. Избраа да го игнорираат и директно станаа одговорни за здравјето на идните генерации.

Почитувани, не заслужувате ни денар од парите што сте ги заработиле во Вашиот мандат!

Ако ништо друго, еве, на мојот блог ќе пишува за катастрофалната грешка што ја направивте.