Денес дури и најстарите демократии на светот се глуви на потребата од промени. Секој пат кога ќе се појави отпор кон одредена т.н. реформа, се посегнува по пендраци и се врши јавно насилство над неистомислениците. Сепак, луѓето што протестираат се подготвени и пендраци да „кркаат“, зашто и покрај сè, сакаат да се чуе, тоа што тие имаат да го кажат. Кога ни со насилство, не можете да ги натерате луѓето да престанат да ви се противат, тогаш е јасно дека тие се убедени дека имаат нешто важно да ви кажат. Јасно е дека, ваш е пропустот, штом не можете тоа да го видите.
Редот не е привилегија на одредена категорија на луѓе, па само тие да знаат како би требало тој да се воспостави и одржува. Редот е состојба во која најголем број на луѓе се општо задоволни. Во ред се луѓето што во даден момент се задоволни од себеси и од опкружувањето.
Ако човек не може да најде вработување, тој не ќе може да биде во ред, затоа што најпрвин нема да биде задоволен од себеси. Дури и истиот тој човек, да не може да се вработи заради лична неквалификација, повторно државата е таа што дозволила човекот да остане неквалификуван.
Државата не служи за да нè шета по црвени теписи, еден ден во годината, а останатите 364 денови да не задушува во свет без избор, едноумие, свет исполнет со страв од промени. Ако не правиме промени, не можеме да очекуваме да напредуваме.
Затоа, наместо утре да се шетате по црвените владини теписи, со вашите калливи обувки, размислете што ви недостасува, што можете вие да промените, како можете лично да се инволвирате во подмладувањето на Македонија, која денес наликува на валкана стара жена со затки во ушите, сало во бутините и смрдлив здив од кој сите бегаат подалеку.