Луѓе, централизирањето на моќта и властта секогаш резултира со корупција. Колку е помал бројот на лица што носат определени, да ги наречеме, важни одлуки, толку се поголеми шансите да се влијае на носењето на тие одлуки.
Ако јас, Петко и Станко раководиме со Управата за јавни приходи и дојде Вангел – сопственик на обложувалница, да ни понуди 20% од својот годишен профит, за ние да „прогледуваме низ прсти“ при секое неговото противзаконско работење, колку време ќе треба да помине пред да почнат да ни работат бубачките во глава, за да почнеме да ја разгледуваме профитабилноста на нашата идна коруптивна екскурзија?
Подоцна, откако Вангел ќе раскаже на својот круг на пријатели, за неговата брилијантна идеја, својата среќа во УЈП, ќе дојдат да си ја тестираат и Ана – сопственичка на казино, Бобан – банкар и Илија – бизнисмен. Ана ќе понуди 25%, Бобан 23%, а Илија неверојатни 30% од својот годишен профит.
И да собереме профит само еднаш од сите овие кандидати, тој сигурно ќе биде доволен за да можеме да си ја платиме затворската кауција во случај да се открие криминалот. Плус, ако најдеме некој што ние би можеле да го потплатиме, можеме и директно да придонесеме, криминалот никогаш да не се открие.
Така, отвораме еден „прекрасен“ свет на неограничени игри, зделки, договори и многу јавни тајни. Се разбира, негувањето на тој „прекрасен“ свет, нанесува непроценлива штета на квалитетот на животот во реалноста.
Сосема е неважно кој, колку долго ќе издржи да биде некорумпиран. Не треба воопшто да се доведуваме во искушение да правиме такви тестови, зашто на тој начин се губи драгоцено време.
Управата за јавни приходи во изминативе неколку години упорно експериментира со своите капацитети.
Ако УЈП ги контролира сите, тогаш кој ќе ја контролира УЈП? Море, рекет!