Има толку многу книги што наводно продаваат техники и механизми за успешна оптимизација за Интернет пребарувачи, што се добива впечаток дека SEO (Search engine optimization) е нешто што можат да го знаат само професионалци, специјализирани маркетинг агенции и корпорации.

За среќа, работите во пракса се многу поедноставни, па вашиот веб-сајт може веќе и да е SEO френдли, а вие да не сте ни свесни за тоа.

Што значи SEO во пракса?

Иако, (за среќа) не можам себеси да се наречам експерт за SEO и да тврдам дека следниве точки се апсолутно вистинити, сепак преку лични искуства имам дојдено до овие четири заклучоци:

  • употреба на добро смислени наслови;
  • употреба на едноставни клучни зборови;
  • употреба на општи клучни зборови;
  • оптимизирање на веб-сајт за поголема брзина при прелистување.

Употреба на добро смислени наслови

Тоа подразбира во тагот <title>, во заглавието на веб-страницата, да бидат наведени термини што се содржани во текстот на страницата. Исто така важно е насловот да биде краток (7-8 зборови).

Употреба на едноставни клучни зборови

Наместо во тагот <meta>, за клучни зборови на страницата да употребите „молерски услуги во Македонија, молери, македонски молери“, наведете „молер, услуги, Македонија“. Трудете се секогаш да употребувате што е можно пократки клучни зборови.

Употреба на општи клучни зборови

Покрај тоа што клучните зборови треба да се кратки, тие треба да се и општи. Наместо да употребувате „молеро-фарбарски услуги, молери, молерисување“, употребете „молер, фарба, услуги“. Притоа имајте во предвид дека нема потреба двапати да внесувате исти зборови, како на пример „молер, молери“. Доволно е да внесете само „молер“ како клучен збор и сте ја завршиле работата.

Оптимизирање на веб-сајт за поголема брзина при прелистување

Колку побрзо ви работи веб-сајтот толку побрзо до него ќе можат да пристапат „пајаците“ на пребарувачите, а со тоа и побрзо, вашиот веб-сајт ќе стане достапен во резултатите од пребарувањата на крајните корисници.

Наместо заклучок

Слободно искористете го овој запис, за да споделите ваши SEO техники преку оставање коментар.