Пред некој ден, читав интересна сторија со низа тестови (1, 2) што укажуваат на постигнатите перформанси (во број на фрејмови) во играњето на Doom 3 и Enemy Territory под XP, Vista и Wine.

Не бев многу зачуден од поголемиот број на фрејмови под Wine отколку на XP и Vista, особено не зашто се работи за игри што го користат енџинот на Doom 3, а Wine тој енџин многу фино го има соџвакано.

Инспириран од тестовите решив да направам свое мини истражување на тоа поле, но со една ептен тазе игра – Spore.

И што да кажам? Речиши сè течеше праволиниски. Инсталацијата на Spore беше најнормална. Играта најнормално се стартуваше и на цел екран и во прозорец. Единствен проблем беше префрлувањето од цел екран во прозорец, кога и ми се промени графичката резолуција во Убунту и тоа од 1280×1024 на 1024×768 пиксели.

За суштинскиот гејмплеј не можам да кажам толку пофални зборови иако навидум сè изгледаше во ред. На некои модели недостасуваа полигони, забележав и грешно прикажување на некои текстури, нетранспарентни мапи на транспарентни честички итн. Но, имајќи во предвид дека Spore е многу нова игра и во себе интегрира поинаква технологија очекував да видам дури и погрда графичка репрезентација. Сепак ако ги погледнете погорните слики во Убунту и во Виста, ќе забележите дека постои ситна разлика. А тоа само говори за моќта на Wine.

Охрабрен од првиот тест, решив да одам на хардкор варијанта и да си ја пробам среќата со Gears of War. За чудо, инсталацијата на играта течеше најнормално сè додека пред самиот нејзин крај не добив порака за грешка со содржина „…permission denied…“. Немам многу познавање на Wine, па не се ни потрудив особено околу проблемот, зашто целта не ми беше да вложувам посебни напори туку да си се пробам со Wine како почетник и да видам колку криви патчиња можат да се фатат… односно дали е дојдено времето еден просечен гејмер да може во целост да се потпре на Wine.

Времето не е дојдено. Барем не за (по)новите игри…

Немам цел да извлечам некаков позитивен или негативен заклучок од тестов. Едноставно ме интересираше до каде се работите…