firefox_victory_thumb

Иницијални подготовки

Доколку не знаете што е Firefox, информирајте се веднаш на некоја од следниве врски:

Доколку користите постара верзија на Firefox, надградете ја со верзијата 3.

Доколку барате специјална јазична верзија од Firefox, истражете ја листата на достапни локализирани верзии.

Доколку користите екстерен менаџер за преземање, запознајте се со downThemAll!.

Доколку сте слушнале дека Firefox користи многу меморија и е многу спор прелистувач, читајте понатаму.

На почеток…

Стартувајте го Firefox и во адресната линија внесете: „about:config” (без наводници). Со тоа се повикува регистарот на Firefox преку кој е овозможено напредно менување на нагодувањата. Со користење на „about:config“, Firefox може да се направи да работи значително побрзо и поефикасно во споредба со испорачаната основна и неменувана верзија. Сепак, тоа е оставено на изборот на корисникот. Затоа и тој е предупреден пред да му биде дозволено да прави измени во регистарот.

Регистарот располага со постоечки вредности од 3 различни типови:

  • целобројни вредности (integer)
  • точно или неточно вредности (boolean)
  • тектуални вредности (string)

Дозволено е и создавање на нови вредности од истите 3 типови. Создавањето на нова вредност е овозможено со десен клик на било кој дел од површината на регистарот и избирање на соодветната вредност од менито New.

Промените што ќе бидат опишани во продолжение опфаќаат менување на постоечки вредности од регистарот или создавање на нови вредности. Дали се работи за промена на постоечка вредност или задавање на нова е посочено во дадениот контекст за секоја од опишаните промени.

Брзина

Firefox e сериозно брз интернет прелистувач, а со следниве неколку измени тој може да ги прикажува веб страниците уште побрзо. Пронајдете ги следниве постоечки вредности во регистерот и изменете ги нивните основни вредности на следниов начин:

  • network.http.pipelining” во “true
  • network.http.proxy.pipelining” во “true
  • network.http.pipelining.maxrequests” во “8
  • network.http.max-connections” во “48
  • network.http.max-connections-per-server” во “20
  • network.http.max-persistent-connections-per-server” во “8

Дополнително, треба да се додаде нова вредност од тип „точно или неточно“:

  • network.http.pipelining.firstrequest” во “true

Со овие неколку измени, значително се зголемува количеството на информации што Firefox во еден момент може да го преземе, а со тоа и директно се влијае на брзината на читање веб страници.

На брзината на исцртување на веб страници може да се влијае преку постоечката вредност „nglayout.initialpaint.delay“. Вредноста е дефинирана како цел број на милисекунди, а инаку го претставува временскиот интервал кој треба да помине за Firefox да почне со исцртување на елементите на една веб страница. Доколку оваа вредност се дефинира како 0 (нула), тогаш задоцнување нема да има. Препорачано е вредноста на „nglayout.initialpaint.delay“ да изнесува 125, за да се добие впечатокот дека Firefox одеднаш ги исцртува целосните веб страници. Задоцнувањето е само 125 милисекунди, а визуелниот ефект е значителен. Се разбира некому тоа може и да не му се допаѓа, па во таков случај препорачаната вредност е 0 (нула).

Функционалности

Со објавувањето на Firefox 3 беа воведени новини во работната околина на прелистувачот и сосема беа сменети некои од постоечките функционалности.

На пример: адресната линија се претвори во поле за пребарување низ личните обележувачи и веб страниците што се запишани во историјата на Firefox. Адресната линија во Firefox 3 доби проширена намена и популарно беше наречена „awesome bar“. Со помош на менување на вредности од регистарот на Firefox, можно е дополнително проширување на намената на адресната линија.

Ако вредноста „browser.urlbar.autofill“, што веќе постои во регистарот на Firefox, ја смениме во „true“, адресната линија автоматски ќе ги допишува адресите на веб сајтовите што сме почнале да ги испишуваме.

Понатаму, доколку сакаме адресната линија да дава повеќе предлози за веќе посетени страници и обележувачи, постоечката целобројна вредност „browser.urlbar.maxRichResults“ можеме да ја промениме со вредност што нам ни одговара. На пример, за адресната линија да дава само 5 предлози, вредноста „browser.urlbar.maxRichResults“ ја менуваме во 5.

Уште една функционалност што е деактивирана во основната верзија на Firefox и што може по потреба и по желба на корисникот да се активира, е можноста за проверка на правопис во полињата за внесување текст („layout.spellcheckDefault“ во „2“).

Меморија

И покрај тоа што најголем дел од проблемите со мемориската зафатнина на Firefox беа решени со издавањето на верзијата 3.0, сепак простор за подобрувања и понатаму има. Со следниве неколку вредности се контролира апетитот на Firefox во различни околности и значително се подобрува мемориското менаџирање при работа со голем број на табови. Следниве три постоечки вредности од регистарот се менуваат на овој начин:

  • browser.cache.disk.capacity“ во „15000
  • network.prefetch-next“ во „false
  • browser.sessionhistory.max_total_viewers“ во „-1

Со претходните неколку измени го ограничуваме капацитетот (на 15 мегабајти) на податоците што Firefox ги запишува на хард дискот при прелистувањето, потоа го оневозможуваме раното вчитување на врски до моментално прелистуваната веб страница (link prefetching) и го оневозможивме чувањето во меморија на претходно прелистуваните страници во нишката. Како резултат на менувањето на вредноста „browser.sessionhistory.max_total_viewers“, можно е да има мало забавување при користењето на функционалностите „Back“ и „Forward“, но тоа е незначително во однос на поволностите што произлегуваат од извршувањето на оваа измена.

Дополнително додаваме уште две непостоечки вредности во регистарот:

  • browser.cache.memory.capacity“ во „10
  • config.trim_on_minimize“ во „true

Со додавањето на вредноста „browser.cache.memory.capacity“ го ограничуваме количеството RAM што Firefox ќе го користи за чување на веќе посетени веб страници. Целобројната вредност дефинира капацитет во килобајти. Во нашиов случај велиме дека Firefox нема да користи повеќе од 10 килобајти RAM за чување на веќе посетени веб страници и со тоа значително го стеснуваме просторот за подрастични промени во мемориската зафатнина на Firefox. Негативен ефект од оваа измена е намалувањето на брзината на прикажување на веќе посетени веб страници. Сепак намалувањата во брзината не се драстични. Речиси и да не се забележливи.

Со додавањето на вредноста „config.trim_on_minimize“ велиме дека секојпат кога прозорецот на Firefox ќе биде минимизиран, Firefox треба да го скрати количеството на користена меморија од RAM. Со други зборови, штом ќе го минимизираме прозорецот на Firefox, треба да биде ослободен најголем дел од меморијата што се користи кога тој е активен.

Со овие неколку измени мемориската зафатнина на Firefox се сведува на околу 80-тина мегабајти за прозорец со 6-8 отворени табови со богата содржина. Тоа е навистина одличен резултат.

За крај…