На македонскиот пазар има очајна потреба од конкуренција во секторот за Интернет и комуникации. Да не речам, ни треба нов Он.нет.

Она што во моментов се случува во Македонски Телеком е за секаква критика. Компанијата како да подзаспала во својата слава. Грижата за корисниците е на мизерно ниво. Да не речам, ја нема.

Розовиот свет што го гледаме во рекламите на T-home, нема многу врска со реалноста.

Промоција на T-home

Да имаш проблем со некоја од услугите на T-home и да сакаш да го решиш, во денешно време е огромен предизвик. Прво, на телефонските броеви за грижа за корисници те пречекува необучен кадар. Второ, кога ќе дојдат сервисери, да поправат одреден проблем со уредите на T-home во домот, тие повторно се необучени и големи се шансите да расипат уште нешто, наместо да го поправат постоечкиот проблем.

Скоро имав проблем со чести рестартирања на рутерот. Дури четири пати доаѓаа лица од Македонски Телеком за да го решат проблемот и секогаш решенијата, ако воопшто можат така да се наречат зашто се состоеа во чекање: „да видиме како рутерот ќе реагира“, траеа ден-два. На крај, ме советуваа сам да појдам и да го заменам рутерот со нов.

Кога се јавувам да пријавам проблем, очекувам да добијам решение. Не претпоставки, не можни алтернативи, не префрлање на вината. Не знам само колку пати операторите на 0800-12345 заклучија дека имам проблеми со нискиот напон и затоа ми се рестартирал рутерот. Демек, проблемот е во ЕВН. Се разбира дека тоа не беше случај, иако неретко и ЕВН може да те извади од кожа.

Недозволиво е да отвориш бесплатен телефонски број за грижа за корисници, што ќе биде зафатен 24 часа во денот, па уште и да бараш од корисниците да имаат разбирање за тоа и да бидат упорни! Изминатава недела, како и претходната, додека чекам да ми го мигрираат корисничкиот пакет, ниеднаш не успеав да остварам повик кон 0800-12345. Постојано беше зафатено, па се јавував на 171 и барав да бидам префрлен на 0800-12345. Така можело?! Кога конечно ќе бев префрлен и ќе ми се јавеше некој оператор (Дејан, Даниел…) фрустрациите стануваа уште поголеми, откако операторите ќе заклучеа дека кај нив е сè во ред и дека НЕ БИ ТРЕБАЛО да има проблем. Да спомнувам дека, самите оператори ме советуваа да го рестартирам рутерот додека разговарам телефонски со нив (што е еднакво на прекинат телефонски повик)?

Се јавувам на 171, ми кажуваат дека имам MaxTV. Ме префрлаат на 0800-12345 ми кажуваат дека MaxTV сè уште не ми е активирана. Е ај, сега.

Ова е многу слично со она што се случуваше во Он.нет на времето. Знаете, оној муабетот: „Да, знаеме. Проблемот е од наша страна. Екипите се на терен и работат на остранување на дефектот… не можам да ви кажам кога ќе биде отстранет дефектот.“

Да се разбереме, кога плаќам речиси 3,000 денари месечно за комуникациски услуги од Македонски Телеком, сакам до денарче да го добијам она за што плаќам. Ако не го добијам, сакам државата да ме заштити и да ја примора компанијата да го обезбеди тоа, што се обврзала да го продава.

Немам разбирање за изговори од типот: „би требало да немате никаков проблем“, „проблемот е од Ваша страна“, „екипите се на терен“, „заради структурни измени во нашата компанија…“ итн, итн. Не-мам!

Јасно ми е дека, сето тоа се случува заради катастрофалниот правен, па и судски систем во државава, благодарение на кој, компаниите можат да те третираат како ѓубре, без никаква одговорност. Можеш да тужиш, но зарем Македонски Телеком нема свои судии?

Државата мора под итно да најде начин да создаде механизми за контрола на квалитетот на услугите на компаниите што продаваат Интернет и комуникациски услуги.

Не е доволно што се демонстрира јавна заложба, преку Агенцијата за електронски комуникации (АЕК). Зошто? За да се пожалам до АЕК, треба прво да поднесам приговор до Македонски Телеком, да чекам одговор во рок од 15, па дури потоа да поднесам приговор до АЕК и повторно да чекам, за на крајот да ме пречека, што? Губење време?!

Зошто државата да чека од граѓаните да пријават неуслуга, кога државата во континуитет треба самата да ги открива натрапниците? Државата тоа не го прави со години. Всушност, не знам дали некогаш воопшто го правела. Но, еве можност да се корегира. Не сум луд што барам од државата да ме заштити, иако тоа за некого, може и така да изгледа.

Не знам што направи Он.нет на времето кога корисниците масовно мигрираа од Македонски Телеком, но очајно има потреба тоа да го направи некој нов или можеби постоечки Интернет-провајдер. Веројатно понуди непосредност, висок квалитет на услуги, ажурност и можеби љубезност, што не се претвора во лицемерие.

Јас бев еден од корисниците што се вратија на услугите на Македонски Телеком, кога пукна работата во Он.нет и оттогаш до последнава година бев презадоволен од услугите што ги добивав. Денес, не сум задоволен и сум разочаран.

Разочаран, зашто во Република Македонија сите големи компании се како тромави дебели животни што прават штета, а државата немо ги гледа.

Незадоволен, зашто знам колку е добро кога Македонски Телеком не ги препушта работите на случајности и дава сè од себе, за повторно да ја добие довербата на корисниците што, условно речено, повеќе не се негови.

Има ли способни луѓе во Македонија што можат да создадат телекомуникациски провајдер, што „ќе го утепа“ Македонски Телеком? Ако има, ги повикувам, да почнат да го прават тоа веднаш.