Модернизацијата на системот на услуги на компанијата EVN Македонија е последната голема глупост што помина премолчена од заспаните македонски новинари. Досега не сретнав некои посериозни реакции на оваа тема на блогосферава, па во продолжение ќе се обидам да објаснам зошто модернизацијата на EVN Македонија е државно одобрен грабеж.

Да почнам од најочигледните работи.

EVN Македонија:

  • бара наплата за потрошена електрична енергија за месец што сè уште не се случил;
  • ги пресметува крајните вредности на сметките за месец април врз основа на прогнози што никому не му се познати;
  • бара разбирање од корисниците без нудење на некакви придобивки за нив;
  • очекува корисниците да имаат разбирање за промените, зашто тие наводно ќе донесат подобра иднина, но никој не може со сигурност да каже дека подобрата иднина навистина ќе се случи.

Почнувајќи од тоа дека се бара наплата за непонудена и неискористена услуга, па сè до ветувањата за подобрувања на жими мајка, ова однесување на EVN Македонија како никогаш досега требаше да ја возбуди Владата на Република Македонија и да го радикализира нејзиното однесување кон оваа странска компанија. Барем уште еднаш да го слушневме Премиерот да нѝ каже дека „ЕВН е еден од најлошите странски инвеститори во Република Македонија“. Но, ништо од тоа не се случи. Нормално, нема ни во иднина да се случи.

Владата на Република Македонија преку државните компании ЕЛЕМ (Електрани на Македонија) и МЕПСО (Македонски електро-преносен систем оператор), остварува заработувачка од продажбата на електричната енергија која до крајните корисници ја дистрибуира EVN Македонија. И еве го штосот. Зошто Владата би се откажала од заработувачката, кога може истата да ја зголеми. Еве како тоа се прави.

Лани во месец април нашата сметка за електрична енергија изнесуваше 2,244 ден. На 7 април 2010 година, врз основа на прогнозите на EVN Македонија, добивме сметка за електрична енергија од 5,458.50 ден. Значи, за месец април, 2010, ние плаќаме 3,214.50 ден. повеќе. Во овој случај не ги земам во предвид поскапувањата на електричната енергија од (ми се чини) 11%.

Од само 50,000 семејства што условно би се нашле во слична позиција како нашето, од априлските сметки за електрична енергија, EVN Македонија заедно со ЕЛЕМ и МЕПСО, ќе заработи дополнителни 160,725,000 ден. или тоа се приближно 2,613,414€. Ако знаеме дека речиси 56% од заработувачката оди во ЕЛЕМ, тогаш слободно можеме да заклучиме дека ЕЛЕМ, а со тоа и државата, од разбирањето на нашиве 50,000 граѓани дополнително заработува речиси 1,463,511€. Од 500,000 вакви граѓани државата може да заработи 14,635,121€.

Државата како никогаш досега нема пари и како никогаш досега бескомпромисно и континуирано го намалува животниот стандард на граѓаните. Го сецира и онака скромниот месечен семеен буџет. Ако Владата на Република Македонија преку ЕЛЕМ го полни празниот буџет, тогаш дава школски пример на корупција и организиран криминал.

И така странува сосема јасно зошто треба и ние да покажеме разбирање за испадите на EVN Македонија. За неписмените кадри на Владата да можат да возат побесни џипови, да лудуваат со нив по распуканите улици, па потоа да ги напуштат родните грутки, да се стекнат со поголеми имоти во Скопје и на крајот да пукнат од храната што нема да можат да ја дојадат, а ќе имаат прилика како никогаш дотогаш. Тогаш ни крстот, ни знамето, ни верата, ни МПЦ нема да може да ги спаси.