Вечерва, за прв пат во мојот живот, добив фискална сметка од која требаше да платам само еден дел. Не знам дали е ова некоја нова можност, од чиишто придобивки можат да „печалат“ ноќните клубови, но мене ми дојде како вистинско изненадување.

Не одам често во „MCM“, па не знаев дека издаваат сметки врз основа на турата на служителката.

Во зависност од тоа на која етапа од турата на служителката ѝ припаѓаш, соодветен дел од сметката е твој, а другите ги прескокнуваш и им ги отстапуваш на гостите што биле послужени после тебе. Се разбира, работите може да заземат непредвиден тек, па сметката наместо кај следните гости, да остане кај тебе. Тоа ми се случи на мене.

MCM фискална сметка mkfail

После, не многу долга анализа, успеав да заклучам дека, дури ни тоа што е напишано на сметката, не е сосема точно. Најпрво пишуваше дека е послужено пиво „Стела…“ од 0,5 литри, што не е вистина, зашто јас добив Стела од 0,33 литри. Да, имавме порачано и вотка, но не Вигор и не 1 литар, туку една чаша.

Конечно, спорно беше времето на фискалната сметка. Пишува дека сметката е издадена во 2 часот и 18 минути на 20 февруари 2011, но тоа не е вистина, зашто јас „MCM“ го напуштив во 1 часот и 45 минути, а пијачката за која ја добив оваа фискална сметка (види слика), ми беше предадена најмалку 30 минути порано, заедно со сметката.

Првата работа за која се штрекнав беше кога порачав пиво „Старо Прамен“, а ме послужија со точено пиво во смрдлива чаша, со изговор дека „флаширано“ „Старо Прамен“ нема. Потоа, порачав „Стела…“ и ме вознемири фискалната сметка.

Во „MCM“ вриеше од млади луѓе. Замислете само колку вакви временски нестабилни сметки биле посеани во просторот. Инспекција?