Иако, оваа тема ја имам накратко отворено во еден претходен запис, сепак во оваа прилика малку подетално ќе ја обработам.

Со објавувањето на верзијата 3.6, во Firefox беше овозможено забрзано лизгање низ веб-страниците без потреба од дополнителни додатоци.

Што всушност значи ова? Едноставно кажано, Firefox стана осетлив на брзината со која се врти тркалцето на глувчето. Уште поедноставно кажано, ако го вртите тркалцето бавно и лизгањето низ страницата ќе биде бавно, но ако го вртите тркалцето многу брзо, лизгањето ќе биде забрзано до тој степен, што би се добил привид дека всушност брзината на вртење на тркалцето и брзината на лизгање низ страницата се исти.

Постојат две вредности од регистарот на Firefox со кои забрзаното лизгање може да се прилагоди до совршенство.

mousewheel.acceleration.start

Со ова вредност се одредува после колку вртења на тркалцето на глувчето, Firefox ќе започне да го забрзува лизгањето низ страницата. Така, ако „mousewheel.acceleration.start“ има вредност „2“, тоа значи дека забрзаното лизгање би почнало после второто последователно завртување на тркалцето на глувчето.

mousewheel.acceleration.factor

Со оваа вредност се дефинира степенот на забрзување на лизгањето или поедноставно кажано силата со која би го турнале Firefox по должината на веб-страницата. Мојот Firefox го забрзува лизгањето со фактор 20. За поедноставно да ја разберете улогата на оваа вредност, активирајте го мазното лизгање во Firefox (Preferences -> Advanced -> Use smooth scrolling) и поиграјте си со нeјзината големина.

Стандардно, измени во регистарот на Firefox можете да правите со повикување на „about:config“ од адресната линија.

Промените на вредностите за забрзано лизгање се истовремени, што значи дека не треба да го рестартирате Firefox за да го видите нивниот ефект.