Иако најголем број од корисниците ја сметаат четвртата верзија на Mozilla Firefox за преодно издание, што донесе повеќе проблеми, отколку што реши, сепак Firefox 4 е многу важен затоа што воведе напредни новини во однос на меморискиот-менаџмент на #импликацијата (читај апликацијата).

Каков мемориски-менаџмент?

Епа, од четвртата верзија па наваму, Firefox е способен самиот да одлучи кои табови ќе ги чува во меморија, а кои ќе ги отстрани. Со секоја наредна верзија оваа способност бележи подобрувања. Но, да не добиете впечаток дека зборувам за некаков збир од можности, врз кои корисникот нема директна контрола, ќе го спомнам следниов клуч: „browser.sessionstore.max_concurrent_tabs“.

firefox-concurrent-tabs

Отворете го регистарот на Firefox, преку about:config од адресната линија, и внесете го името на клучот. Променете ја неговата вредност во нула и рестартирајте го Firefox. Ќе забележите значително подобрување во однос на целокупната брзина на работа на прелистувачот, а еве и зошто.

Со клучот „browser.sessionstore.max_concurrent_tabs“ се одредува колку неактивни табови во даден момент ќе бидат вчитани во меморија. Што значи тоа? Да речеме дека во Firefox имате отворено 20 табови. Од нив само 4 ги користите во тековната сесија. Ако вредноста на „browser.sessionstore.max_concurrent_tabs“ ја промените на нула, после извесно време, Firefox самиот ќе ги отстрани „задреманите“ табови од меморија. Исто така, доколку го рестартирате Firefox ќе забележите дека, заради промената на овој клуч, по рестартирањето ќе се вчита само активниот таб, а другите ќе останат замрзнати додека не ги кликнете. На тој начин се штеди меморија и Firefox работи поефикасно.

Пред да помислите дека ова е уште еден очаен обид да се постигне брзината на Google Chrome во Firefox, ве охрабрувам да ја промените вредноста на „browser.sessionstore.max_concurrent_tabs“ и самите да се уверите во придобивките.