Interstellar на Christopher Nolan го доживеав како негова лична фрустрација од филмовите „2001: А Space Time Odyssey“ на Stanley Kubrick и „Gravity“ на Alfonso Cuaron. Nolan, толку многу сакал да си докаже дека може да направи култен научно-фантастичен филм, што се загубил во креативниот процес. Филмот е едноставно преголем залак за него.

Interstellar е плиток филм, со многубројни клише-сцени, со невпечатливи ликови и со многу добри визуелни ефекти. Од самиот почеток е познато како ќе заврши. Nolan не се обидува тоа да го скрие, и инсистира дека многу поважно е што се случува додека се стигне до познатиот крај.

** ВНИМАНИЕ, СПОЈЛЕРИ! **

interstellar-christopher-nolan

Endurance, експерименталниот вселенски брод во кој што патуваат членовите на тимот

Филмот е долг (речиси 3 часа) и во него се случуваат многу работи. Има многу ликови, но ниеден од нив, освен главниот (во изведба на Matthew McConaughey) на мене не ми остави никаков впечаток. Како ниеден од ликовите, освен главниот, да нема лични карактеристики и да не размислува, туку само изговара претходно подготвени реченици што во некои делови се навистина банални.

Според приказната, во блиската иднина животот на планетата Земја станува неодржлив и луѓето се соочуваат со бројни проблеми, но тоа премногу штуро е прикажано само на почетокот од филмот. Не може да се почувствува потребата на луѓето да избегаат и да се спасат од големите проблеми, а со самото тоа е сосема неочекувана, грандиозноста на мисијата на која главниот лик ќе биде испратен. Како научниците на NASA да умреле од досада решавајќи равенки, па рекле, ајде да пратиме екипа да бара планети кои што би можеле да ги населиме. Луѓето на планетата Земја не можат да се прехранат, но NASA има неограничени ресурси за сѐ, кои се, btw, ТАЈНИ!

„Gravity“ е клучниот збор во филмот. Ликовите често го повторуваат, особено кога сакаат да навестат дека нешто паметно ќе кажат. Gravity, gravity, gravity, gravity.

Дизајнот на роботите е многу чуден и тоа што тие немаат роботски глас туку човечки, е збунувачки. Разбирам дека не мора да имаат роботски глас, но ако се толку напредни, што не ги направиле хуманоидни? Такви какви што се, кога зборуваат, ме оставаа да се прашувам кој и од каде ги изговара нивните реченици. Исто така, не знам колку се физички изводливи нивните движења.

Тоа што главниот лик постојано се брза да ѝ се врати на ќерка му, негативно влијае на авантуристичката атмосфера во филмот.

Неколку пати се споменува љубовта како безвременска и во тие моменти едноставно ми доаѓаше да вриштам. Луѓето немаат како да преживеат, ама љубовта е безвременска.

Interstellar сака да биде длабок филм, но тоа едноставно не е можно на начинот на кој што е изработен. Премногу блокбастерски клишеа, премногу „абе, ајде…“ моменти, премногу Холивуд. Крајот на филмот е најлошо обработен и има многу претенциозни моменти.

Значи, не, Christopher Nolan не е визионер. Човекот едноставно премногу си допушта и ја потценува интелигенцијата на гледачите. Тоа го забележав во „The Dark Knight Rises“, „Inception“, а еве го сега и во Interstellar.