Последниве неколку денови ми е толку напорно да следам вести и толку многу ме револтира тоа што во моментов се случува на нашата т.н. политичка сцена, што добивам силни нагони да изнапишам сè на блогов и да го претворам во пикадо за „државници“, „патриоти“ и останати големци од народните маси.

Едвај се воздржувам да направам будала од себе, емотивно и наивно носејќи еднострани заклучоци и етикетирајќи, навредувајќи, барајќи кривци, да презентирам спектакуларни откритија за природата на нештата во нашата држава.

Но, спектакл нема, а природата на нештата е мошне комплицирана, што те прави да се почувствуваш беспомошно, како мравка под стапалото на големиот човек.

Речиси и да сум сигурен дека во Македонија нема чесна политичка фигура, ниту пак индивидуалци што имаат желба да ја поведат толпата кон едно ново засолниште. Овчари има колку ти душа сака, но нас овчари не ни требаат.

Имаме мудри стопани од кои навистина може многу да се научи, но не за чесноста, правичноста и несебичноста. Нашите стопани се застарени видови – бета верзија што никогаш не дочекала свое финално издание. Но, зарем, не сме сите ние дел од бетата?

А, нечесно е некому да му ја одземеш шансата да ги искуси сите состојби на живеењето. Додека си богат, не знаеш како ќе ти биде кога ќе станеш сиромав. Додека си среќен не ти е многу важно што милиони други луѓе се несреќни. Кога почнуваат да ти се укажуваат шанси во животот, не си свесен дека всушност нив самиот ги создаваш. Кога напорно работиш за други и тоа е измачувачки, тешко разбирливо е дека маката всушност доаѓа одвнатре, од мислите на човекот на кој не му се работи и не му се создава, туку, му се троши.

Мене политиката очигледно ме мачи, затоа што не ја разбирам. Не разбирам како еден лидер може да се чувствува моќен, кога си поигрува со судбината на другите, кога најмалку што треба да чувствува е несигурност, поради огромната одговорност што му е дадена. Не разбирам ни како желбата да се остане засекогаш запаметен, може да се манифестира преку поставување камени и метални предмети наоколу. Воопшто не ја разбирам потребата да се идентификувам со симболи, чкртки и пароли. Но, веројатно од сите овие работи човек има потреба кога ја губи сигурноста во првичната идеја.

Врти сучи, пак се сведов на тоа од што на почетокот на овој запис се воздржував. Изгледа требаше да завршам некаде после „стапалото на големиот човек“. :)