Всушност не буквално, ама ова е најблиску што може да се дојде под Windows, со оглед на тоа што Amarok не е достапен за него. Кога првпат се сретнав со Amarok паднав на сè што тој носи со себе и посакав барем во периодот додека ја правам миграцијата Windows-Linux, да има начин под Windows да се чуствувам помалку фрустрирано. musikCube е присутен нешто подолго време на сцената и навистина не знам што сум мислел пред една година кога прв пат се сретнав со него. Тогаш ми беше премногу коцкаст, несимпатичен, не знаев дека има додатоци и визуелни теми за него, а погрешно го разбрав и целиот концепт околу креирањето на база од сета музика во локалниот компјутери како и ползувањето од постоењето на истата. Деновиве се убивам од слушање музика, откривам нумери што сум заборавил дека ги имам, инстантно ги наоѓам песните на кои се присетувам и посакувам уште да можев да си го ажурирам Last.fm профилот од musikCube. Мислам дека само уште тоа недостасува за насловот да биде целосно соодветен.
musikCube e ултра стабилен аудио медија плеер, што користи страшно малку RAM (1-4MB) и совршен е за постари машини. Поддржува сè што е денес популарно од аудио кодеци (mp3, ogg, wav, flac итн.), прави претопи од песна во песна, нуди екстра ефикасен пребарувач и рандомизатор, дозволува тагување, рангирање и уште многу, многу други корисни зафрканции. А инаку се базира на open source проектот musik.
Ја користам верзијата 1.0 и не сум се сретнал со некои страшни проблеми, но има работи заради кои корисниците се жалат.