Толку често почнавме да снемуваме струја во Радишани, што едноставно не можам да постигнам да напишам за секое ново искуство.
Гледам дека ниеден медиум го нема покриено настанот за којшто ќе ви раскажувам, па затоа и ќе си земам за слобода да заземам сензационалистички пристап, како што обично знаат да направат про и анти-владините медиуми во FYROM.
Што всушност се случуваше во Радишани вчера, односно на 23.12.2010 година?
Вистинска драма! Очевидци сведочат за извесен Ѓоко, во чијшто двор се наоѓа трансформаторот на EVN Macedonia. Ѓоко не им дозволувал на сервисерите да влезат и да го отстранат дефектот. Ѓоко наводно ги пцуел и навредувал насобраните и видно револтирани граѓани, притоа земајќи си слобода за тоа, како близок човек на градоначалникот на општина Бутел – г-динот Петре Латиновски. Луѓето велат дека наводно Петре го штител Ѓоко и затоа Ѓоко си дозволувал да царува во својот двор(ец).
Исто така, насобраните граѓани сведочат дека Ѓоко им ги с’скал своите ротвајлери на сервисерите од EVN Macedonia и на тој начин ги спречувал да влезат.
Патем, нафрлени беа и информации дека, истиот ден, случајот бил пријавен неколку пати во полиција, но заради врските на Ѓоко и Петре, полицијата не постапувала согласно своите надлежности.
Надлежни лица од EVN Macedonia, случајот го коментираа како отпор кон нивната одлучност да го отстранат дефектот. Велат дека подоцна во текот на вечерта сепак, имало полициска интервенција.
Нејасно е како EVN Macedonia, како сериозен странски инвеститор си дозволува својот капитал да го сади на туѓо земјиште и како воопшто се осмелува да ги стави животите на засегнатите потрошувачи во целосна неизвесност. Уште понејасно е како државата го толерира ваквото однесување на некогашиот „лош пример за странски инвеститор во државата“.
Засегнатите граѓани од Радишани велат дека често имаат проблеми со Ѓоко и дека речиси секој пат кога ќе се случи дефект и нешто треба да се поправи во трансформаторот во дворот на Ѓоко, мораат да поминуваат низ истата голгота.
На 23 Декември, во делови од Радишани се случи прекин во снабдувањето со електрична енергија во околу 12.30 часот. Сите граѓани, што зависеа од милоста на Ѓоко, повторно добија електрична енергија во околу 1 часот по полноќ на 24 Декември. Претпоследниот прекин во снабдувањето со електрична енергија во Радишани, беше во времетраење од 16 часа, па претпоставувам дека тоа што при последниот прекин бројот на часови е намален за цели 25% би требало да делува утешително.
Дискусија
Се сеќавам дека и пред неколку години се случи истово, не ме чуди воопштo :)
Gjoko za pretsedatel!