И, додека подготовките за четвртото издание на интернет прелистувачот Mozilla Firefox се пред самиот крај, убаво е уште еднаш да се потсетиме, кои новитети ќе ги донесе досега најнапредната верзија на Firefox.

Сè поизвесно е дека ќе има и 13 издание во серијата Firefox 4 Beta, како и тоа дека ќе треба уште малку да почекаме, пред и официјално да биде објавена финалната тест-верзија oд Firefox 4 со ознака „release candidate“… но, како и да е, се брои на ситно, па, на Firefox 4 ќе му се радуваме набрзо.

Во продолжение ќе можете да прочитате за некои од најважните новини во Firefox 4.

firefox-4-beta-welcome

Изменет кориснички интерфејс

Да, Firefox 4 многу повеќе ќе наликува на Google Chrome и Opera во поглед на корисничкиот интерфејс, што не е воопшто лоша работа. Проверените позитивни концепти од Google Chrome и Opera, не му пречат никому.

Приказ на новиот кориснички интерфејс на Firefox 4

Firefox 4 доаѓа со поедноставен горен дел од прозорецот и подобро искористен простор за организација на копчињата на прелистувачот.

Организација на табови

Една од моите омилени нови можности кај Firefox 4, е можноста за едноставна организација и групирање на отворените табови [видео]. „Tab Candy“ или „Firefox Panorama“, како сакате, ќе го направи менаџирањето на отворените табови крајно едноставно и многу интерактивно.

Брзина

Google Chrome ја наметнува потребата од зголемена брзина при прикажувањето на веб-страниците, а Firefox 4 ќе биде многу соодветен одговор на таа „закачка“. Новиот „JägerMonkey“ би требало да го врати Firefox 4 на врвот на листата на многу брзи интернет прелистувачи.

Тест на брзината на Firefox 4

Користењето на Firefox 4 ќе биде во секој поглед побрзо, а ако сакате уште денес да се уверите во тоа, преземете ја последната верзија од серијата Firefox 4 Beta.

Синхронизирани насекаде

Firefox 4 е првата верзија од Mozilla Firefox, што ќе биде истовремено објавена и за „PC“ и за мобилни уреди, па можноста за водење на една, секогаш освежена, листа на обележувачи, историја, лозинки, па дури и отворени табови, на сите уреди на кои ќе го користите Firefox 4, ќе биде и тоа како добредојдена [видео].

Останати придобивки

  • поддршка за анимирани премини и трансформации со помош на CSS3;
  • поддршка за видео и аудио записи, преку HTML5;
  • поддршка за прикажување на богата 3D графика;
  • хардверски-забрзано прикажување на веб-страници со помош на OpenGL и DirectX;
  • користење на векторска (SVG) графика во вид на слики;
  • поддршка за користење на напредни можности при прикажувањето на букви (фонтови) од типот OpenType;

Доколку сакате и лично да се вклучите во промоцијата на Firefox 4, сè уште можете да му се придружите на тимот за промоција, а доколку сте креативни и сакате да се натпреварувате, можете и да се пријавите на натпреварот за дизајн на официјалната маичка за Firefox 4.