Откако беше објавена четвртата верзија, Firefox набрзина „сплеска“ цели три верзии. Во вторник, на 27 септември 2011 година, ќе биде објавена седмата верзија од отворениот и бесплатен интернет прелистувач на Mozilla.
Оваа верзија е особено интересна, зашто решава неколку клучни проблеми поврзани со меморискиот менаџмент во Firefox. Firefox 7 ќе троши до 50% помалку меморија! Понатаму, подобрувања ќе можат да се забележат и во брзината на прикажување на елементот canvas на оперативниот систем Windows.
Firefox 7 ќе се синхонизира речиси инстантно на сите платформи, што не беше случај досега, а ново ќе биде и тоа што Firefox 7 ќе може да испраќа информации поврзани со брзината на работа до Mozilla и така да придонесе кон подобри идни верзии. Се разбира, испраќањето на тие информации ќе биде со одобрување на корисникот.
Една, за мене, незначителна новина е тоа што, по примерот на Google Chrome и Firefox 7 нема да ја прикажува ознаката на протоколот HTTP (http://) од адресната лента.
Нова ќе биде и поддршката за елементот „text-overflow: ellipsis“, кој е инаку составен дел од спецификацијата за CSS3.
Ако имате време и ве интересира, погледнете ја целосната листа на измени во ова издание. Таа опфаќа 1242 поправки, што никако не е за потценување.
Firefox 7 ќе биде објавен во вторник, во 16 часот по локално време и како и досега, ќе биде достапен и на македонски јазик.