Ја поздравувам идејата за ставање под контрола на злоупотребата на државните возила, но се чини дека предложеното решение нема да ги постигне очекуваните резултати.
Погледнете го следното видео на 360 Степени, доколку не сте во тек.
Сметам дека решението, кое меѓу другото, вклучува и промена на боите на регистарските таблички, всушност не е никакво решение. Зошто? Бидејќи се очекува од граѓаните да пријавуваат кога ќе видат вакво возило по улиците. Истите тие граѓани што не протестираат кога дишат екстремно загаден воздух, постојано се осиромашуваат преку раст на малопродажните цени итн.
Значи, треба да се пријави злоупотреба телефонски или по е-пошта и да се надеваме дека пријавата ќе стигне до одговорните лица, што ќе преземат нешто. Ова всушност не дава никаква гаранција дека ќе се постапи по пријавата, ниту пак има јасни правила што одредуваат чија е одговорноста во случај на непостапување. Значи, нема мерливи резултати и не можеме по одреден временски период да речеме дека сме ја намалиле злоупотребата за толку и толку проценти.
Во прилогот на 360 Степени се спомнува и некакво софтверско решение, коешто станало малку посложено па се одложила неговата испорака… или како и да се искажа Ивица Томовски.
Наивно ќе заклучам дека Владата има искрени намери и ќе образложам како јас сметам дека еден ваков проблем може да се реши трајно. :)
Зошто да чекаме граѓаните да пријавуваат злоупотреба, кога технологијата ни овозможува сѐ да автоматизираме?
Тоа е првото прашање што јас си го поставувам.
Сметам дека во период од 6 до 12 месеци може да се изработи едноставно софтверско и хардверско решение што многу поефикасно би ги ловело прекршоците од било кого во Северна Македонија. За почеток, може на секое возило да се постави уред за следење на движењето – нешто слично што веќе го имаат повеќето такси-компании во државата. Во превод, тоа е сим-картичка со пристап до Интернет што ќе „ѕвони“ некаде секој пат кога уредот ќе се вози и ќе ја снима местоположбата во секунда. Уредот што би го следел движењето на автомобилот, постојано би запишувал податоци во определена база на податоци, при што секој запис би бил со јасен индикатор за возилото на кое се однесува. Податоците би биле едноставни, но чисти и лесно машински-обработливи и би овозможиле анализа преку определен јавен портал, достапен за сите, а особено за новинарите.
На порталот за анализа на податоците би можело да се видат дневни, неделни, месечни и годишни извештаи за користењето на автомобилите и сите тие извештаи би биле јавни. Законски би морало да се определи некаква форма на постапување по овие извештаи… дали е тоа некаков правилник или закон… а одговорноста за постапувањето да биде доделена на одговорно лице, но само правно-формално. Значи, самиот портал за анализа би „генерирал“ прекршоци врз основа на добиените податоци, а прекршоците би ги распределувало за постапување одговорното лице… Доколку тоа лице не си ја врши работата, веднаш би можеле сите да видат дека има толку и толку прекршоци по коишто не се постапува. Одговорното лице би било јавно познато и би го испраќало прекршокот на понатамошно разгледување до соодветната државна институција, но клучно е тука да се знае која е таа јавно. Во случај и таа да не постапува, да можат новинарите да ѝ прават притисок и дополнително да истражуваат зошто не постапува. И тоа е тоа… другиот дел е проста, рутинска и административна работа.
Ако одиме чекор понатаму, со моќта на вештачката интелигенција можеме да се ослободиме и од одговорноста за испраќање на прекршоците за понатамошно разгледување. И тоа би можело автоматски да се прави врз основа на определен правилник што содржи одредени параметри… на пример: возилото не смее да потроши повеќе од 50 литри гориво неделно, возилото не смее да се вози во неработни денови, возилото не е на определената местоположба на крајот од работното време итн. Секој пат кога некое возило ќе прекрши некое од правилата, автоматски се алармира надлежна институција по електронски пат. За тоа има машинска трага, но може да се печати и определен документ, со електронски потпис и печат, за во некаква архива.
Верувам дека има уште 100 други луѓе што имаат и многу подобри идеи од оваа што ја образложувам.
Клучот е во одговорноста
Во предложеното решение на Владата, одговорноста е најслабата точка на мерката. Да не речам, одговорноста е непостоечка. Не е во ред граѓаните да се одговорни за ловење на злоупотребите. Ниту имаат време, ниту би требало да се занимаваат со тоа. Држава постои за да решава баш вакви системски проблеми. Бидејќи нашиот систем не е функционален, сега Владата очекува од граѓаните уште и со ова да се занимаваат, а државните службеници пак да не прават ништо. Треба да биде обратно – Владата да ги вложи сите свои капацитети и да воспостави самоодржлив систем за следење со отворен код. Зошто пак сега и отворен код? Бидејќи парите што ќе се потрошат за неговата изработка се јавни.
Следни чекори :-/
Јас би рекол дека е крајно време да го подигнеме степенот на управување во државните институции. Во истиот момент додека го пишувам ова, ми текнува колку смешно би можело да звучи… но, не е тоа проблемот. Всушност, проблемот со злоупотребата на државните возила и не е некој голем проблем. Станал голем заради немањето на контролни механизми и одговорни лица за одржување на контролата. Ако не успеавме да го решиме преку луѓе, зошто да не се обидеме со машини? Па, можеби, да фатиме и чекор со 21-от век.