Предлог-симбол за скопскиот хаклаб КИКА

Првин твитнав, па подоцна се сетив дека можеби посоодветно ќе беше да пишам напис…

Денес во „Песната стопан нема“, Игор и Арангел спомнаа дека ќе правеле некои стикери за КИКА и дека е потребно да се изработи официјално лого за хаклабот. Подолу е симболот што го предлагам јас, инаку инспириран од симболот на Helsinki Hacklab. Намерно велам предлог-симбол, а не предлог-лого, зашто кон изработка на лого би преминал, откако ќе го определиме финалниот симбол.

Потребно е мислењето на целата заедница, па ве поканувам на дискусија.

Сликата на Твитер е некако премногу компресирана и со намалена острина, па еве ја и овде уште еднаш, во размер 1:1 (зад врската).

Предлог-симбол за скопскиот хаклаб КИКА од Гоце Митевски

Предлог-симбол за скопскиот хаклаб КИКА

Дополнување #1:

Предлог-симбол #2 за скопскиот хаклаб КИКА од Гоце Митевски

Предлог-симбол #2 за скопскиот хаклаб КИКА

Дополнување #2:

Еве уште неколку предлози што се базираат на поедноставната варијанта од предлог-симболот бр. 2. Имам направено бројни мали измени, па сега симболот, а и логото воопшто, изгледа многу појасно при намалени димензии.

Имам одбрано 4 палети со бои, што ми се видоа применливи. Некои од симболите имаат 4, а некои 5 различни нијанси. Инаку, разликата помеѓу предлозите 3-1 и 3-2 е во подлогата — во 3-2 таа е соодинета, а во 3-1 поделена на два различно обоени дела.

Првите две палети се со помалку назначен контраст, во однос на вторите две.

Јас знам која варијанта мене најмногу ми фаќа око, но сега за сега ќе си молчам. :) Ги очекувам вашите коментари!

За зголемен приказ, кликнете на сликите.

Предлог-симбол #3-1 за скопскиот хаклаб КИКА од Гоце Митевски

Предлог-симбол #3-1 за скопскиот хаклаб КИКА

Предлог-симбол #3-2 за скопскиот хаклаб КИКА од Гоце Митевски

Предлог-симбол #3-2 за скопскиот хаклаб КИКА

За ноќните автобуски линии на ЈСП

Ноќните линии на ЈСП се поскапи за 5 денари. Не знам дали знаете, но во автобусите „е потопло, услугата е на повисоко ниво и за секој патник следува по еден француски сендвич со Газоoза“. Многумина од вас сигурно се прашуваат, како ЈСП се сетиле на Газоoза, во овие зимски услови, а ние имавме шанса да добиеме ексклузивен одговор од портпаролот на Јавното Сообраќајно Претпријатие:

„ЈСП се грижи за благосостојбата на своите патници и активно придонесува кон доближувањето до европските стандарди. Благодарение на одличната соработка на директорот на ЈСП, Мишо Николчов, градоначалникот на град Скопје, Курцај Трајановски и премиерот на Република Македонија Никула Гробовски, Скопјаните, во автобусите на ЈСП, можат да јадат француски сендвичи и да пијат Газоoза и на 5 степени под нулата, без да им настинат грлцата.“

Амин.

Проектот „Скопје дише“ повеќе нема да биде финансиран

Да не остане некажано… „Скопје Дише“ нема повеќе да биде финансиран од градските власти.

Многу сум револтиран што ниеден / ниедна од тие неранимајковци / неранимајковки што се клацкаат во советничките фотељи, не се потресе што веќе со месеци не може да се види нивото на загадување на главниот град – претходно видливо преку индикаторите и веб-страницата на проектот „Скопје дише“. Очигледно забораваат дека сите дишеме од истиот гнасен воздух.

Од еколошката лабораторија на фирмата Фармахем која една година го одржуваше системот ни потврдија дека се работи за нешто повеќе од само надградба на софтверот, како што сега стои на страницата. Имале едногодишен договор за одржување на системот , но тој истекол, а досега од Градот Скопје нема иницијатива да се продолжи. Од Фармахем велат дека сакале да го надградат системот и со архива од податоците од мерењата, но дека за судбината на оваа транспарентна интернет алатка со која се служеа голем број граѓани треба да се обратиме во Градот.

Од Градот пак делуваат целосно незаинтересирано за продолжување на објавувањето на податоците за квалитетот на воздухот на интернет. Портпаролот Неделчо Крстевски вели дека поставувањето на сајтот уште од почетокот било иницијатива и добра волја на фирмата.

„Сајтот не беше наш. Во моментов не можеме да кажеме дали зависи од нас или од Фармахем. За нас е важно да работат мерните станици и граѓаните да можат да ги добиваат информациите за квалитетот на возухот од дисплеите на уредите“ вели Крстевски.

Од Градот признаваат дека за евентуално продолжување на работењето на „Скопје дише“ тие треба да ја почнат постапката која како што велат, била комплицирана бидејќи вклучувала распишување на тендер. Дали пак тоа ќе се случи, ниту тие самите не знаат.

„Не можам ништо да ви кажам сега, ниту дали ќе го има , ниту дали ќе го нема сајтот“ вели Крстевски.

За мене е важно да остане запомнето дека во февруари 2012 година, градските власти, на чело со „г-динот“ Коце Трајановски, не покажаа заинтересираност да го согледаат и да го решат проблемот со загадувањето на Скопје. Избраа да го игнорираат и директно станаа одговорни за здравјето на идните генерации.

Почитувани, не заслужувате ни денар од парите што сте ги заработиле во Вашиот мандат!

Ако ништо друго, еве, на мојот блог ќе пишува за катастрофалната грешка што ја направивте.

Е-даноци за граѓани – УЈП, реформа, токен, трошоци и др.

Кога денес дознав дека УЈП ќе овозможи поднесување на даночни пријави по електронски пат и за физички лица, многу се израдував. Но, подоцна подобро се информирав и ништо не остана од радоста.

Не ми требаше многу време да заклучам дека ова е уште една, како што „новинарите“ би сакале да кажат, т.н. популистичка мерка.

ujp-danoci-gragjani-token-reforma-trosoci

Обработена фотографија на УЈП

Зошто? Епа, затоа што се промовира како бенефит, а всушност е дополнителен трошок.

Ако државата ми излегува во пресрет и ми го олеснува животот, во никој случај не треба да ме обврзува на трошок од ±900 ден. годишно. Најмалку што би требала да направи е да ми даде избор: прва опција – можност за бесплатна регистрација на системот со основна заштита на личните податоци и втора опција – регистрација со екстра заштита со токен, кој би се купувал. Но бидејќи системот, претпоставувам, не нуди таква можност, веднаш, до израз доаѓа неговата ограниченост. Да не спомнувам пак, дека тој е од затворен тип и дека не е дозволен увид во начинот на кој, всушност работи.

Но, добро, пред да ме обвините дека имам премногу „западњачки“ очекувања, дозволете да се доискажам.

Денес, за едно физичко лице да поднесе годишна даночна пријава по вообичаен (неелектронски) пат, треба да појде во УЈП, да земе и да пополни бесплатни формулари и да почека извесно време, за да ја предаде хартијата.

Значи, нема трошоци за токен, нема 50 денари на врата, 10 денари за формулар и сл. Впрочем, формуларите се достапни за преземање на Интернет и секој што има услови, може да си ги испечати. Единствен трошок е изгубеното време. Да, позната ми е изреката дека „времето е пари“, но во овој случај тоа сигурно нема да достигне вредност од ±900 денари, зашто едноставно процедурата не е толку сложена.

Значи, државата уште еднаш, по не знам кој пат, применува мерки заради граѓаните, од коишто како да има намера да профитира… се разбира не директно, зашто токените, колку што сум запознаен, не ги продава таа. Како и да е, искрени намери за олеснување на поднесувањето на даночни пријави преку користење на предностите од електронската комуникација, според мене, нема.

Оваа мерка повеќе ја сфаќам како понуда на избор, како текст напишан со ситни букви на телевизиските реклами, како сервис што ретко ќе се користи, првенствено зашто не е бесплатен. А, сигурен сум дека државата, доколку сакала, можела да изнајде начин и механизми и да го направи бесплатен.

За крај, еве како се работи „на запад“.