Десет огнени лисици и десет молскавични птици

Денес, на 31 јануари 2012 год. излегуваат уште две нови надградби од кујната на Mozilla. Очекувајте ги Firefox 10 и Thunderbird 10 попладне, кратко по 16 часот, по локално време.

Што е ново во Firefox 10?

Firefox 10 ќе биде релативно голема надградба или барем поголема од оние, на кои се навикнавме во изминатиот период со забрзаниот развоен циклус.

Firefox ќе воведе помалку рестриктивен пристап кон додатоците. Повеќе нема да има потреба од задолжителна надградба за секој додаток, при објавувањето на нова верзија од Firefox.

Од 10-та верзија, Firefox ќе си претпоставува дека секој додаток е веќе прилагоден да работи и на понови верзии од прелистувачот. Така, корисниците нема да бидат оневозможени да ги користат омилените додатоци и на најновите верзии од Firefox, а вината за потенцијалните проблеми ќе биде префрлена кај развивачите на додатоците.

Во Firefox 10 ќе добиеме и алатка за брзо истражување и менување на составот на веб-страниците – алатката „Inspect“, составена од „Page Inspector“ и „Style Inspector“ – како еден вид на осиромашена верзија од Firebug, со поразличен дизајн. Предноста е што „Inspect“ станува составен дел од јадрото на Firefox, со што се намалува потребата од Firebug за основните корисници.

Други дополнувања и измени:

  • копчето „Forward“ станува невидливо, доколку нема следна страница кон која може да се насочите;
  • поддршка за anti-aliasing за WebGL;
  • подобрена поддршка за IndexedDB;
  • поддршка за веб-апликации што би работеле на цел екран;
  • поддршка за 3D-трансформации преку CSS3;
  • поддршка за елементот за двострано ограничување на текст;
  • подобрувања на Firefox Sync;
  • и така натаму.

Што е ново во Thunderbird 10?

Новата, 10-та верзија на Thunderbird, доаѓа со многу помали измени и дополнувања, но сепак се 130+.

Сосема нова ќе биде можноста за пребарување на Интернет директно од Thunderbird, а подобрувања можат да се очекуваат во функционалноста за пребарување низ пораките и менаџирањето на нацрти (drafts).

Честитки за уште две успешни изданија на целокупната заедница на Mozilla!

Преземено од Mozilla на македонски.

Неколку прашања за услугите од 3 Max на Македонски Телеком

Убеден сум дека има технички можности Македонски Телеком значително да го подобри квалитетот на услугите за пакетите од 3 Max, но тоа упорно не го прави.

Сакам да поставам неколку, според мене, сосема издражни прашања:

  1. Зошто, Македонски Телеком не ја зголеми брзината на врската на корисниците на MaxTV, за опсег, колкав што му е потребен на медија приемникот, за да работи оптимално? Зошто наместо да ги опслужува корисниците на MaxTV со 10 Mbps (технички ~8,7 Mbps) по приклучок, не го прошири опсегот до 14 Mbps?
  2. Зошто Македонски Телеком на своите реклами продава брзини до 10 Mbps, кога технички тоа не е возможно, па тие брзини не одат, како што имам пишано и погоре, над ~8,7 Mbps? Нели е тоа мамење?
  3. Зошто Македонски Телеком упорно повторува дека 0800 12345 е број за техничка поддршка што е достапен 24 часа, постојано, кога тоа не е случај? Ако бројот е отворен за повици, а повик не може да се воспостави во 80% од 24 часа, дали и тогаш корисниците имаат на располагање 24-часовна техничка поддршка?
  4. Зошто Македонски Телеком не ги вклучува (или исклучува) дополнителните пакети со услуги по автоматизам? Зошто да се чека на корисниците да го побараат тоа, кога тие услуги се платени и треба да бидат достапни? Зарем не е проблем што може да се случи корисник и понатаму да плаќа за услуга, што му следува бесплатно преку некој дополнителен пакет? Што ако дојде до тоа?
  5. Зошто Македонски Телеком не овозможи трајно поставување на превод по канал, за MaxTV? И Panta Rei има пишувано на оваа тема.

Да бев новинар во Македонија…

Да бев новинар во Македонија...

  • ќе отворев блог под псевдоним и ќе ги изнесував сите шпекулативни или со факти поткрепени сознанија, за матните зделки на актуелната или било која претходна власт;
  • ќе престанев јавно да се омаловажувам, барајќи од човек, партија или маса да ми даде право да си ја работам работата;
  • ќе зборував помалку, ќе читав и ќе размислував повеќе и ќе го планирав секој свој јавен настап, не дозволувајќи да заврши без да ја поттикне публика на размислување;
  • ќе се борев за вистината по секоја цена, но не на ранлив начин;
  • ќе ѝ станев клевета, на клеветата;
  • ќе имав личен интегритет и ќе ги правев ситните души на политичарите да треперат од страв, секој пат кога ќе имав нешто да ги прашам;
  • ќе престанев да се занимавам со поединци и ќе размислував за движења, за глобални поместувања, за големи промени;
  • ќе заборавев на ситни профити, поткуп и пишување спонзорирани написи;
  • сè почесто ќе кажував не;

Административни сцени во МВР, 11.1.2012 г.

Еден обичен ден во МВР. Гужва, нетрпение, некултура и нервоза.

Во ходниот пред собата за забрани – собата 28 – стои шеесет и неколку годишен маж и се плетка во нозете. Дали да тргне и да замине или да му се обрати некому и да постави прашање. Очигледно нешто не му е јасно и не знае што да прави. Има некоја борба во него, што му се чита од лицето. Шета напред. Шета назад. Шета во круг. Шета секако.

И додека расте тензијата во него и ходникот полека се полни со гласовите на административците што надоаѓаат, брзајќи доаѓа еден административец.

Човекот нерешително, дури уплашено – речиси како да треба да го моли – му пристапува велејќи:

– Извинете, може едно прашање?

Административецот не подзастанувајќи, не оставајќи време да му се насети мирисот, дрско и отсечно вели:

– Не може! – и ја треснува вратата пред ликот на чичкото.

***

На влезот пред собата 28 е гужва и нема простор да се помине. Тоа го забележува една административка од постарата генерација и решително им се обраќа на „странките“.

– Каде сте застанале? Да не може човек да влезе! Да не може да помине! Ајде, излезете во ходникот. Застанете тука! – и покажува со прстот кон просторот пред влезот во ходникот.

Едно храбро момче, видно револтирано ѝ се обраќа:

– Како да не! Каде сакаме ќе стоиме. Вие ќе ни кажете каде да стоиме. Наше право си е каде ќе стоиме и Вие ништо не можете во врска со тоа. Плус, влезот за собата 28 е овде, а не во ходникот!

Административката, чудејќи се, со празен филчан в раце заминува, велејќи:

– Бог да чува!!!

Поминуваат извесно време. Административката поминува уште неколку пати, упатувајќи чудни погледи и конечно се враќа со цела редица „странки“ зад неа. Па, во возбуда, обраќајќи ѝ се на една од странките вели:

– Еее… ние, знаеш, колку странки вака си примаме од позади. О, хо, хооо…

***

Пред собата 28, сè уште е гужва. Пред само неколку моменти, преку ред, бесрамно, влегоа неколку лица со еден административец во сина блуза. Како никој пред нив да не чека! Како да се тие на ред!

Луѓето што повеќе од еден час чекаа пред вратата, на неколку пати имаа можност да ѕирнат во внатрешноста на фамозната соба за забрани. Целата е облепена со гигантски постери од Тоше Проески – на кои пишува „Тоше, те сакаме!“ – како соба на средношколка, а по големината на просторот e мала. Собата 28 има врата со расипана дршка и тешко се отвора.

***

По извесно време, излегува административката од 28 и за момент може да се види дека, сега, административецот во сина блуза работи на нејзиниот компјутер, а на столчето за сликање седи господин во црн капут. Од десната страна стои, веројатно, неговата придружничка, облечена во зелен костум.

Во ходникот, во разговор со некое лице што не се гледа, службеничката слободно вели:

– Имам некои VIP луѓе, па чекам да завршат. – притоа, воопшто не внимавајќи на тоа дека *обичните* луѓе ја слушаат.

***

Во ходникот пред собата 28, разговараат луѓето што чекаат и еден од присутните ја објаснува процедурата за запишување на забрана на новите (пластични) возачки дозволи.

– Нема врска дали си добил покана да ја предадеш возачката или не. За да ти ја земат, мораш да поднесеш барање за нова возачка дозвола. Исто ти е, како да си вадиш нова возачка дозвола, само што не се сликаш во 6А/6Б. Си ги плаќаш трите уплатници со суми од 280, 110 и 100 денари, си пополнуваш барање за возачка дозвола и пријава за возачка книшка. Плус, ти требаат две слики за возачката книшка, а треба да ја предадеш и старата возачка книшка. Демек, не можеле да ја пишат забраната на пластичната возачка и затоа морале да прават нова. И све на мој трошок. Лопови!

Друг, се надоврзува:

– Да! Ако имаш од старите возачки процедурата не е таква. Само печат ти ставаат и толку. И ти ја пишува забраната.

***

Од некаде, во ходникот доаѓа млада административка со своето дете. Мислиш, градинка.

Детето се движи несмасно. Мајка му го припазува. Тоа, оди од врата на врата, посегнува по дршките. А мајка му, така, површно загрижена, само вели:

– Не, мама, таму. Не, мама, таму. Ајде ќе одиме кај тетка… – и влегуваат во една од просториите.