Рецензија: „Панкот не е мртов“

„Панкот не е мртов“ е еден од најлошите македонски филмови, што ги имам гледано во последните неколку години. Не знам зошто упорно мораме да се давиме во бедотија, стереотипи и безизлезност. Во продолжение ќе пишувам за моето лично доживување на филмот со „спојлери“, па ако не сте го гледале, подобро не читајте понатаму.

Приказната

Багра од пропаднати панкери, што очајно се борат со животот, има можност да свири во Дебар. Панкерите пола филм се натегаат дали да ја прифатат свирката и се собираат од по Балканот, за да го реоформат бендот. Во останатиот дел од филмот се случува свирката, неколку инциденти и тоа е тоа.

Низ целиот филм се испреплетени, би рекол, плитки обиди за доловување на македонското современие, животот на македонските панкери, животот во мултиетничкото општество, насилството кај Албанците и Комитите итн.

Стереотипи колку сакаш: Албанците се насилни; панкерите се „џанаци“, вулгарни и сиромашни; Македонците се плашат да се движат низ деловите во Скопје со доминантно албанско население; територијата што е населена од Албанци е небезбедна; Албанците прават матни зделки итн.

„Кур“, „пичка“ и „педерче“ се најчестите зборови во филмот. Ако се земе предвид дека филмот ќе го гледа релативно млада публика, можете само да замислите колку негативно влијание тој ќе има на нивниот речник.

Најголем дел од смешките во филмот се излитени, наметливи и веќе чуени.

За изведбата на актерската екипа не сакам ни да почнувам да пишувам…

Мижи да ти баам

Имаше делови во филмот кога ми идеше да си станам и да си заминам. На пример: албански вооружени насилници што оперираат во околината на Дебар, се разнежнуваат на жаба; бендот јаде стравотен ќотек од Комитите, задржувајќи се повеќе од потребното заради истата жаба; погреб на жаба; филмот завршува со дискусија во врска со тоа дали и кој сè уште „си го дрка“.

Слободата на камерата

Настрана од сите глупости, „Панкот не е мртов“ има ефективна камера, што во некои сцени успешно ја отсликува тензијата, радоста, страста, стравот итн. Но, такви сцени нема премногу.

Заклучок

„Панкот не е мртов“ појдов да го гледам без никакви очекувања. Не ми се допадна. Патем, оценката од 8,5, на Internet Movie Database (IMDB) (во моментот додека го пишував текстов), нема никаква врска со реалноста.

Firefox 7 доаѓа во вторник, 27 септември 2011

Откако беше објавена четвртата верзија, Firefox набрзина „сплеска“ цели три верзии. Во вторник, на 27 септември 2011 година, ќе биде објавена седмата верзија од отворениот и бесплатен интернет прелистувач на Mozilla.

Оваа верзија е особено интересна, зашто решава неколку клучни проблеми поврзани со меморискиот менаџмент во Firefox. Firefox 7 ќе троши до 50% помалку меморија! Понатаму, подобрувања ќе можат да се забележат и во брзината на прикажување на елементот canvas на оперативниот систем Windows.

Firefox 7 Promotional Image

CC Attribution, Goce Mitevski

Firefox 7 ќе се синхонизира речиси инстантно на сите платформи, што не беше случај досега, а ново ќе биде и тоа што Firefox 7 ќе може да испраќа информации поврзани со брзината на работа до Mozilla и така да придонесе кон подобри идни верзии. Се разбира, испраќањето на тие информации ќе биде со одобрување на корисникот.

Една, за мене, незначителна новина е тоа што, по примерот на Google Chrome и Firefox 7 нема да ја прикажува ознаката на протоколот HTTP (http://) од адресната лента.

Нова ќе биде и поддршката за елементот „text-overflow: ellipsis“, кој е инаку составен дел од спецификацијата за CSS3.

Ако имате време и ве интересира, погледнете ја целосната листа на измени во ова издание. Таа опфаќа 1242 поправки, што никако не е за потценување.

Firefox 7 ќе биде објавен во вторник, во 16 часот по локално време и како и досега, ќе биде достапен и на македонски јазик.

Подобар мемориски-менаџмент во Mozilla Firefox 4+

Иако најголем број од корисниците ја сметаат четвртата верзија на Mozilla Firefox за преодно издание, што донесе повеќе проблеми, отколку што реши, сепак Firefox 4 е многу важен затоа што воведе напредни новини во однос на меморискиот-менаџмент на #импликацијата (читај апликацијата).

Каков мемориски-менаџмент?

Епа, од четвртата верзија па наваму, Firefox е способен самиот да одлучи кои табови ќе ги чува во меморија, а кои ќе ги отстрани. Со секоја наредна верзија оваа способност бележи подобрувања. Но, да не добиете впечаток дека зборувам за некаков збир од можности, врз кои корисникот нема директна контрола, ќе го спомнам следниов клуч: „browser.sessionstore.max_concurrent_tabs“.

firefox-concurrent-tabs

Отворете го регистарот на Firefox, преку about:config од адресната линија, и внесете го името на клучот. Променете ја неговата вредност во нула и рестартирајте го Firefox. Ќе забележите значително подобрување во однос на целокупната брзина на работа на прелистувачот, а еве и зошто.

Со клучот „browser.sessionstore.max_concurrent_tabs“ се одредува колку неактивни табови во даден момент ќе бидат вчитани во меморија. Што значи тоа? Да речеме дека во Firefox имате отворено 20 табови. Од нив само 4 ги користите во тековната сесија. Ако вредноста на „browser.sessionstore.max_concurrent_tabs“ ја промените на нула, после извесно време, Firefox самиот ќе ги отстрани „задреманите“ табови од меморија. Исто така, доколку го рестартирате Firefox ќе забележите дека, заради промената на овој клуч, по рестартирањето ќе се вчита само активниот таб, а другите ќе останат замрзнати додека не ги кликнете. На тој начин се штеди меморија и Firefox работи поефикасно.

Пред да помислите дека ова е уште еден очаен обид да се постигне брзината на Google Chrome во Firefox, ве охрабрувам да ја промените вредноста на „browser.sessionstore.max_concurrent_tabs“ и самите да се уверите во придобивките.

Firefox без лебдечки приказ на влечените табови

Како да го натерате Firefox да престане да генерира лебдечки приказ на отворените табови при влечење?

Клучот е: nglayout.enable_drag_images! Може да се промени од регистарот на Firefox. До регистарот се пристапува, со внесување на „about:config“ во адресната лента и со притискање на Enter.

firefox-tab-drag-preview

ПРЕД: При влечење на таб, Firefox автоматски создава лебдечки приказ на влечениот таб

Доколку ја поставите вредноста на nglayout.enable_drag_images на false, Firefox повеќе нема да создава лебдечка сликичка од табот што го влечете и единствено ќе прикаже мала стрелка кон нагоре, означувајќи ја позицијата, на која би го поставиле табот што го влечете.

firefox-tab-drag-arrow

ПОТОА: Firefox не прикажува лебдечки приказ на влечениот таб

Ова е уште еден начин да го натерате Firefox да работи побрзо и помазно.